Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Пратениците во бугарскиот парламент со 125 гласа „за“, 113 „против“ и 1 „воздржан“ изгласаа разрешување на Никола Минчев од функцијата претседател на Народното собрание.
Минчев пред гласањето рече дека Бугарија ќе продолжи да биде на првото место.
– Влегов во храмот на бугарската државност и уште поголема чест ми е што ме направивте прв меѓу еднаквите. Нема да застанам и покрај тоа што се бара моја оставка. Вистинската причина за барањето моја оставка е иста како и причината заради која следната недела ќе се гласа за недоверба на владата. Во пленарната сала има ново мнозинство – рече Минчев од говорницата.
Според него, новоформираното мнозинство во кое се опозициските ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владејачки коалициски партнер Има таков народ, не само што нема да донесат промени, туку цврсто ќе го зачува стариот модел.
– Во таков парламент уште подобро е да не бидам претседател, оти испадна дека тие што требаше да збришат сега сакаат мене да ме збришат. Ако треба да избереме нов претседавач, сакам тој или таа да биде објективен како што се обидов јас – рече Никола Минчев.
Премиерот Кирил Петков од говорницата му се заблагодари на Минчев за професионалното водење на Собранието.
– Тој е жртва на една нова коалиција која сега се формира од ГЕРБ, ДПС, Преродба и ИТН и кои гласаат против него и покрај неговата професионалност. Но, сакам да ве успокојам. Кога ја почнавме работата во владата, ги осветливме големите шеми со Бугарската банка за развој, по победата на изборите имавме коалициски партнери од кои многу зависиме. Но патот е тој, промената доаѓа и чекор по чекор Бугарија ќе биде променета – рече премиерот Кирил Петков.