Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
При големата полициска рација која беше извршена во Казнено-поправниот дом „Идризово“ од надлежните служби беа откриени дрога, ножеви, мобилни телефони и многу пари. Како може таа дрога и оружје да влезат во затворите без помош од затворските чувари, револтирано коментираат и прашуваат граѓаните на социјалните мрежи, пренесува „Слободна Европа“.
Проверките се направени по наредба на обвинител во 25 ќелии и точно таргетирани лица. Министерот за правда Никола Тупанчевски рече дека никој нема да биде поштеден од одговорност.
Сепак, се чини дека граѓаните се научија да не веруваат додека не видат.
Во акцијата во вторникот изутрина се пронајдени поголема сума на пари, 50-тина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножеви и повеќе други остри предмети, дрога, таблети и други предмети. Министерот најави дека претресите ќе продолжат и во други затвори.
Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски вели дека тие редовно вршат претреси на одредени ќелии, но оти се работи за голем затвор „и не е можно во една акција да бидат опфатени сите ќелии“.
Директорот на затворот Идризово Реџеп Реџепи, пак, вели дека во претресот биле пронајдени кујнски ножеви и мала количина дрога кај некои затвореници.
„Многу ме зачуди изјавата од МВР каде што се споменуваат многу ножеви и други предмети. Како затворска управа чекаме официјално од МВР да бидеме известени за тоа што е пронајдено“, изјави Реџепи за Слободен печат.
За евентуалната одговорност на затворските стражари, директорот Реџепи вели дека никој од затворската полиција нема да биде казнет.
Комитетот за превенција против тортура во затворите, кој неодамна ја посети Македонија, има забелешки дека дел од раководните лица во затворите не ги исполнуваат условите за извршување на функцијата. Во извештајот за човекови права на Стејт департментот се посочува деке е „распространета корупција на затворскиот персонал која се наведува како значаен проблем во затворскиот систем“.