Покачување на платата од 2.800 денари го одложи протестот на возачите од ЈСП


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Одлуката на менаџментот на Сообраќајното претпријатие секој вработен во ЈСП „Скопје“ независно од работната позиција да добие покачување на платата од 2.800 денари беше пресудно за откажување на протестот на возачите на ЈСП, кој беше најавен за 15 и 16 јуни, а требаше да се одржи во периодот од 11 до 12 часот пред дирекцијата на ЈСП „Скопје“.

Најавениот протест беше во организација на Независниот синдикат на возачите, кои се жалеа на лошите услови за работа и малите плати што ги добиваат за сработеното.

– Преговорите меѓу трите синдикати и менаџерскиот тим на ЈСП „Скопје“ околу линеарното зголемување на платата за 1.806 денари или за нови 177 бода за сите вработени со измена на Колективниот договор успешно се завршени. Со јунската плата, во јули почнува исплатата. Затоа ве известуваме дека протестот закажан за среда и за четврток се откажува поради постигнатиот договор – стои во официјалното соопштение на Независниот синдикат на возачите на ЈСП „Скопје“.

И од ЈСП „Скопје“ излегоа со свое соопштение, со кое ги информираат сите свои вработени дека ќе добијат зголемување на платите.

– Веќе од наредната плата секој вработен во ЈСП „Скопје“ независно од работната позиција и статутот на вработувањето (преку Агенција за привремени вработувања, на определено време и слично), ќе добие покачување од 2.800 денари. Покачувањето е регулирано и со Одлука на Управен одбор на ЈСП „Скопје“, донесена на 19.4.1022 година. Со оваа одлука нема да бидат опфатени вработените што добија покачување со Законот за минимална плата – стои во официјалното соопштение на претпријатието до вработените.