Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бројот на новозаразени пациенти со коронавирусот и смртни случаи од Ковид-19 пријавени на глобално ниво минатата недела опадна насекаде, освен на Блискиот Исток и Југоисточна Азија, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Во соопштението се вели дека новите потврдени случаи на инфекција паднале за 12 отсто, на повеќе од три милиони, а пријавените смртни случаи за 22 отсто, на околу 7.600.
СЗО наведува дека континуираниот пад на бројот на нови инфекции со коронавирусот, кој во јануари го достигна врвот, е мошне охрабрувачки тренд.
Сепак, агенцијата предупреди дека пандемијата сè уште не е завршена и повика на претпазливост, иако многу земји ги укинаа своите мерки за борба против вирусот.
Во извештајот се наведува дека 18 месеци откако почнаа првите масивни кампањи за имунизација на коронавирусот во богатите земји, 68 земји допрва треба да вакцинираат 40 отсто од своето население.
Иако сега се достапни доволно вакцини, побарувачката е намалена.
„Перцепцијата дека пандемијата е завршена е разбирлива, но погрешна. Во секој момент може да се појави нова и уште поопасна варијанта, а огромен број луѓе да останат незаштитени“, се вели во соопштението.
Бројот на нови инфекции со вирусот се зголемил за 19 отсто на Блискиот Исток и за 1 отсто во Југоисточна Азија во текот на неделата, додека насекаде опаднал.
Бројот на починатите се зголемил за седум отсто во западниот дел на Пацификот, а паднал во другите делови на светот.
СЗО претходно забележа дека бројот на пријавените нови инфекции зависи од државните стратегии за тестирање и известување.
Минатата недела агенцијата соопшти дека епидемијата во Северна Кореја, на пример, се влошува.
И покрај повеќекратните понуди за помош, вклучително и вакцини, Северна Кореја не прифати ниту една понуда и допрва треба да сподели подетални информации за тоа како се развива епидемијата таму.