Падна пресуда за „Талир 2“: Се конфискува „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ како и друг партиски имот низ државата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Судијката Даниела Алексовска-Стојановска денеска ја објави пресудата за случајот „Талир 2“.

Согласно истата, се конфискува партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ познато како „Белата палата“. Ова денеска го посочи судијката Даниела Алексовска-Стојановска, по објавата на пресудата за случајот „Талир 2“, со која поранешниот премиер Никола Греуевски е осуден на казна затвор од 6 години, а Кирил Божиновски беше осуден на условна казна.

Судијката истакна дека покрај партиското седиште, се конфискува и имот на партијата распослан низ државата, односно во градовите Берово, Велес, Струмиц, Кавадарци, Кисела Вода, Охрид, Пробиштип, Лозово, Кочани, Струга, Нов Дојран, Неготино, Петровец, Богданци, Градско, Македонска Каменица, Новаци.

Овој имот беше со години замрзнат по барање на Обвинителството, односно вкупно 68 недвижнини.

–Судот донесе решенија со кои се определени привремени мерки – судска забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп со прибелешка на забраната во јавна книга за 68 имоти на политичката партија ВМРО ДПМНЕ низ земјата, како и за седиштето на партијата во Скопје, а се однесуваат на имот стекнат во периодот од 2013 до крајот на 2015 година за кој постои основано сомнение дека е стекнат со противправните дејствија опишани во поднесените обвиненија и кои мерки сѐ уште се во сила, појаснуваат од СЈО.

Обвинетите Груевски и Божиновски се товареа за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.