Во Битола запален влезот на бугарскиот културен центар


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Утрово, во Битола, беше опожарен влезот на културниот центар „Ванчо Михајлов“, а Јавното обвинителство веќе издаде наредба за да биде извршен увид и да бидат откриени сторителите.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола, утрово извршија увид на лице место на опожарен објект – центар за култура „Ванчо Михајлов“, информираат од ОЈО Битола.

„Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство“, се вели во соопштението.

Од Јавното обвинителство додаваат и дека со цел откривање на сторителите, веднаш ќе се издадат наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери, но и на околните камери.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на својот фејсбук профил го осуди палењето на објектот на Центарот на бугарската заедница во Битола.

-Го осудувам палењето на објектот на Центарот на бугарската заедница во Битола. Во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо. Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите, напиша на Фејсбук Ковачевски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска изјави дека најостро го осудува актот на намерно палење на влезот на здружението Иван Михајлов во Битола.

Според Османи, ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина.

-Ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија, изјави Османи.

Тој ги повика надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин.

Претседателот Стево Пендаровски најостро го осуди палењето на влезот во културниот центар на бугарската заедница во Битола. Тој на Твитер напиша дека ваквите чинови се акт на провокација.

„Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија“, напиша Пендаровски.

Извор: Цивил Медиа