Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Обвинителството во случајот „Талир 2“ предложи бившиот премиер Никола Груевски и Кирил Божиновски да бидат прогласени за виновни, а седиштето на ВМРО-ДПМНЕ да биде одземено.
Поранешниот премиер Никола Груевски и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, да бидат прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба и овластувања, а зградата каде што се наоѓа седиштето на политичката партија да биде одземено, побара обвинителот Љубомир Лапе во завршните зборови за случајот „Талир 2“.
Станува збор за изградбата на таканаречената бела палата на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје која пред околу една деценија почна да се гради од страна на компанијата „Бетон“ АД Скопје, која според обвинителството била изградена спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациски односи.
Зборувајќи за постапката во која ВМРО-ДПМНЕ одлучила да распише оглас за рушење на старото и изградба на новото седиште, обвинителот Лапе рече дека според исказите од сведоците и доказите, Груевски и Божиновски биле тие што ја дефинирале содржината на јавниот оглас, а не партиските органи.
„За обврските содржани во јавниот оглас, видно од одлуката за објавување јавен повик за доставување понуди за соинвеститорство на Извршниот комитет (ИК), верификувана од ЦК, органите на партијата не дискутирале. Самите одлуки на Извршниот и Централниот комитет доведени во корелација со содржината на објавениот јавен оглас всушност ги потврдуваат индициите од незаконски следените разговори дека токму обвинетите Груевски и Божиновски биле тие кои ја дефинирале содржината на јавниот оглас, а со тоа и условите и обврските за понудувачите содржани во истиот“, рече Лапе.
Со објавата на јавниот оглас од страна на обвинетите Груевски и Божиновски, обвинителот потенцира дека е оставен простор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и стекнување сопственост на имот, кој согласно закон политичката партија не ни можела да го стекне.
Од исказите на проектантите, пак, обвинителот рече дека првично проектирале објект на четири ката, а потоа следувала промена и во висината и во ширината, како и во намената.
„Доколку исказите на сведоците се доведат во корелација со изведените докази, се доаѓа до заклучок дека ДГ ‘Бетон’ АД Скопје бил избран да го изведува проектот уште пред поднесување на понудата по јавниот оглас за соинвеститорство. Имено, како што појаснија проектантите, на почетокот проектирале пониска и помодерна зграда согласно ДУП, кој бил на важност од 31 мај 2011 година до 28.06.2012 година. Значи, проектирањето првично започнало, пред 28.06 2012 година, а за потсетување, одлуката за соинвеститорство е верификувана од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на 1.07.2012 година, додека јавниот оглас е објавен на 11.07.2012 година“, изјави Лапе.
Судењето за овој предмет го води судијката Даниела Алексовска-Стојановска, а по завршните зборови и на одбраната се очекува судот да одреди и датум за објавување на пресудата.