Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Случајот „Делчевски ниви“, за кој вчера Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава, допира до моментално опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но сепак не „влегува“ во белиот дворец на партијата, пишува Фокус.
Имено, сите седумина осомничени имаат некаква поврзаност со партијата, но сепак Управата не успеа да ја докаже шпекулацијата дека со парите од продажбата на нивите се финансирала политичка партија.
Во случајот осомничени се двајца управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Игор Гиевски и Мирослав Митровски. Како што пренесува „Фокус“, Гиевски, кој е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, бил разрешен од позицијата пред околу 3 месеци, а Митровски, кој е син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, сè уште е вработен.
Меѓу осомничените е и Дарко Тодоровски, кој е поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, како и Орце Тодоровски -Ефто, кој важи за близок на лидерот Христијан Мицкоски. Има и еден брачен пар, Влатко и Марија Илиевски. За Илиевски владејачката партија тврди дека му е телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Со кривичната пријава е опфатен и Дарко Ќурчиски кој поседува бензинска пумпа во Делчево.
Од СДСМ и понатаму тврдат дека случајот води до Мицкоски.
-Случајот „Криминални плацеви“ води директно до Христијан Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои јавноста беше информирана пред локалните избори, добива епилог. Денес пред законите сите се еднакви, секој кој сторил кривично дело мора да одговара, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак го тврдат спротивното.
-Но ниту првиот и омилен директор на финансиска полиција на СДСМ, ниту првиот и омилен обвинител на СДСМ, ниту пак првиот полицаец и министер за внатрешни работи на СДСМ не најдоа никаква поврзаност иако четири месеци има било каква вмешаност, порача вчера Димче Арсовски.
Според истрагата, парцелите биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен, а сопствениците на земјиштето само три недели претходно го купиле по цена од 15 до 20 денари за метар квадратен.
-Четвртопријавениот, петтопријавениот, шестопријавената и седмопријавениот, во периодот од 01.09.2021 година до 17.09.2021 година склучиле вкупно деветнаесет договори за дар на недвижен имот со повеќе физички лица, кои договори во својата суштина се договори за купопродажба на недвижен имот, имајќи предвид дека на лицата дародаватели на денот на склучување на договорите им биле исплатени парични средства во кеш со средства обезбедени од страна на третопријавениот, а таквото склучување на фиктивни договори за дар било со цел и намера пријавените лица да ја избегнат обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за продажба на земјоделско земјиште, со што ги ограничиле законски пропишаните права на одредена група на субјекти да го остварат законско даденото право на првенство кога станува збор за купопродажба за земјоделско земјиште. Со таквото склучување на фиктивни договори за дар пријавените лица, свесно и со однапред утврдена намера, ја исклучиле можноста трета страна да се јави како купувач на конкретните земјишта, а се со цел пријавените лица да бидат единствени потписници на договорите за купопродажба на недвижен имот со „ЕВН електрани Македонија“ ДООЕЛ Скопје и паричните средства согласно склучените договори за купопродажба да бидат исплатени на нивните лични банкарски сметки, велат од Управата.
Финансиската полиција се сомнева дека управителите свесно и со намера, изготвиле анализа во која прикажале лажни податоци за земјишта во делчевско кои не ги исполнуваат законските услови за пренамена од земјоделско во градежно земјиште со цел ЕВН на истите да гради фотонапоснки централи.
-Со тоа тие го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН Македонија да донесе Одлука за склучување на договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи, врз основа на која одлука се склучени договори со останатите четворица пријавени. Така управителите овозможиле на сметките на дел од пријавените од ЕВН да се исплатат вкупно 99.431.060 денари за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува 2.146.723 денари, велат од Управа за финансиска полиција.
Осомничените вчера беа уапсени, а денеска треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка.