Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Со голема, масовна воена парада на Црвениот плоштад, Русија денеска го одбележа Денот на победата над фашизмот. На настанот учествуваа повеќе од 10.000 војници, заедно со оклопни возила и авиони.
11.000 војници промаршираа денеска на Црвениот плоштад во Москва додека Русија ја прославуваше 77-годишнината од поразот на нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Конфликтот во Русија се нарекува Големата патриотска војна, а 9 мај е еден од најпочитуваните празници во земјата.
Маршираа сите гранки на руските вооружени сили, вклучително и воздушните трупи, воената полиција, националните гардисти и кадетите.
Повеќе од 130-те оклопни возила беа предводени од легендарниот тенк Т-34-85, кој беше еден од најупотребуваните тенкови на Црвената армија за време на војната. Најсовремените главни борбени тенкови T-90M Провив, ракетните системи за противвоздушна одбрана С-400 и термонуклеарните интерконтинентални балистички ракети Јарс, беа меѓу другото највисокоразвиено оружје изложено на Црвениот плоштад.
Воздушниот дел од програмата беше откажан наводно поради лошо време. Беше најавено дека осум руски борбени авиони ќе летаат во формација на буквата Z, што е официјален симбол на руската инвазија на Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин во својот говор за Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва им порача на руските борци дека сега се борат за безбедноста на Русија.
„Вие се борите за својата татковина, за нејзината иднина“, вели тој.
Путиновото обраќање се фокусираше на тековната војна во Украина, која почна по руската инвазија на 24 февруари.
Тој рече дека инвазијата е „единствената правилна одлука“ за една независна, силна суверена земја и превентивен потег за да се спречи агресијата.
„Западот се подготвуваше за инвазија на Русија, НАТО создаваше тензии на границите. Тие не сакаа да ја слушаат Русија, имаа други планови“, рече Путин.
Тој рече дека Русија се бори за „Татковината“ во Донбас. „Смртта на секој војник и офицер е болна за нас“, рече тој. „Државата ќе направи сѐ за да ги згрижи овие семејства.“
Имаше шпекулации дека Путин ќе објави ескалација на воената акција. Сепак, тој не спомена општа или делумна мобилизација на војници.
Тој на ветераните им го честита денот на „големата победа“. Денот на победата ја слави победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Воздухопловните сили на Русија пред парадата вежбаа над Црвениот плоштад, меѓу другото и за изведување на формацијата Z – симболот на воената инвазија на Украина.
Руските новински агенции тукушто објавија дека делот од воздушната парада е откажан, а Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, рече дека тоа е поради временските услови.