Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Ерата на Роман Абрамович во фудбалскиот клуб Челзи и официјално заврши. Од лондонскиот клуб денеска официјално потврдија дека е постигнат договор со американскиот конзорциум предводен од Тод Боли, „Клирлејк Капитал“, Марк Болтер и Хансјорг Вајс.
Боли заедно со своите партнери го купи клубот во инвестиција вредна околу 4.5 милијарди евра, но се уште се чека да се случат две работи за да можат и официјално да го преземат клубот. Потребни се дозволи од Премиер лигата и од владата на Велика Британија за финализирање на договорот.
„Од вкупната направена инвестиција, 2,9 милијарди евра ќе бидат искористени за купување акции во клубот, а тој приход ќе биде депониран на замрзната банкарска сметка во Велика Британија со намера 100% да се донира во добротворни цели“, соопштија од Челзи.
Сите детали околу продажбата треба да бидат готови до крајот на мај, а се ќе треба да се случи до 31 мај за Челзи да добие дозвола да се натпреварува следната сезона. Ова ќе биде крај на 19-годишното „владеење“ на Роман Абрамович во клубот, во кои тимот освои пет трофеи во Премиер лигата, две титули европски шампиони и една титула светски првак.
Новиот сопственик Тод Боли е американски милијардер и освен што е еден од сопствениците на ЛА Доџерс и има сопственички удел во ЛА Лејкерс и ЛА Спаркс, управува и со холдингот Елдриџ Индустрис.
Тој во 2015 година учестувал во создавање на компанијата „Елдриџ“, а има акции во голем број медиумски компании. Исто така е сопственик на осигурителна компанија и ко-сопственик на многу други компании од спортот, технологијата, индустријата…
Што се однесува до спортот, има 20 отсто од акции во Лос Анџелес доџерс, а исто така е газда на Лос Анџелес спаркс, женскиот кошаркаски тим кој се натпреварува во ВНБА.
Со Марк Волтер во 2021 година презема 27 отсто од акциите во Лос Анџелес Лејкерс, а од февруари минатата година Лејкерс е проценет како трет највреден состав во НБА.
Од 2017 до 2021 година беше на листата на Tоп-500 највлијателни луѓе во светот по изборот на „Лос Анџелес Бизнис журнал“.