Го доби упатниот акт – Камчев на 1 јуни треба да почне да ја отслужува затворската казна од 1 година


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бизнисменот Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ на 1 јуни треба да влезат во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на затворските казни од по една година на кои се спогодија во случајот „Империја“.

Датумот кога да се јават во затворот им е наведен во упатниот акт и за истото веќе пристигнало известување до затворската управа, потврдуваат оттаму.

Упатниот акт од судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд Скопје беше издаден вчера. Меѓутоа, тоа не значи дека 1 јуни ќе биде дефинитивниот датум кога двајцата ќе почнат со издржување на казната со оглед дека тие можат да побараат и одложување.

Двајцата обвинети постигнаа спогодба во „Империја“ за кривични дела до 2009 година, Камчев за злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело.

Во спогодбите за затворските казни влегува и времето кое обвинетите го поминаа во ефективен и во куќен притвор. Неофицијалните пресметки, според судските одлуки за притворите и медиумските написи, се дека Камчев во рамки на „Империја“ во притвор помина околу 4 месеци.

Дел од спогодбата беше да се уплатат и 5,2 милиони евра на сметка на УЈП, коишто пари беа уплатени набргу по постигнувањето на спогодбата од страна на фирмата „Кара“ АД Скопје која е правен следбеник на компаниите „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци.