Министерката за труд и социјала порача дека наставниците кои денеска нема да се вратат на настава можат да загубат работно место


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, вчера вечерта во интервју за Телевизија 24 порача дека ако наставниците не се вратат на работа со оглед дека штрајкот е ставен во мирување, ќе се сметаат за неоправдано отсутни и може да изгубат работа.

„Се пристапува кон медијација со помирувач кој се вклучува во изнајдување на решение. Штрајкувачите не може да го отфрлат кога СОНК постапил согласно Законот. Учениците се враќаат во училиште, наставниците се враќаат на работа. Ако не се вратат на работа и продолжат со штрајкот, ќе си сносат одговорност согласно законот. Ако не се јават на работа, се пристапува кон законот за работни односи и може да изгубат работа“, рече Тренчевска за ТВ 24.

Ова следува откако Советот на СОНК денеска одлучи штрајкот да се стави во мирување додека се решава спорот, а доколу не се реши, како што предупредија од синдикатот, истиот повторно ќе се активира. Министерството за образование и наука (МОН) претходно испрати известување до СОНК за мирно решавање на спорот, додека до Министерството за труд и социјална политика упати барање да определи медијатор.

Тој медијатор кој ќе го води спорот помеѓу МОН и СОНК, како што објави Тренчевска, веќе е определен. Станува збор за Драгица Исаиловска-Митровска која е правничка по професија со долго искуство.

„Таа е непристрасна, го знае правото, Законот за работни односи и законите за образование и има компетенции да биде помирувач. Со нејзината улога верувам дека ќе стигнеме до решение. Ќе има претставници на МОН, на СОНК и заедно со медијаторот ќе учествуваат во преговорите“, изјави Тренчевска.

Инаку, за одлуката на Советот на СОНК штрајкот да се стави во мирување дел од членството изрази револт и попладнево протестираше пред просториите на Синдикатот барајќи претседателот Јаким Неделков да излезе пред нив и да им ја објасни ситуацијата.