НАСА „холопортираше“ лекар на Меѓународната вселенска станица (ISS)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Лекар на НАСА се појавил како холограм на Меѓународната вселенска станица во телемедицинска визита кај астронаут на 8 октомври 2021, соопшти американската вселенска агенција.

„Холопортирањето“, кованица од холограм и транспортирање, се состои од визуелна и аудиоврска меѓу вселенската станица и Земјата.

Благодарение на холопортирањето, технологија на Мајкрософт што им овозможува на корисниците да комуницираат со 3Д-прикази на учесници од далечна локација, вселенската агенција во октомври минатата година успеала да го „телепортира“ хирургот Јозеф Шмид на ИСС.

„Станува збор за сосема нов начин на човечка комуникација на долги растојанија, за нови истражувачки можности со кои нашиот идентитет може да отпатува од планетата“, рече Шмид.

За разлика од традиционалните холографски проекции, кои изгледаат како да лебдат во воздухот, за време на холопортацијата се користи ВР-опрема со технологијата Хололенс за да може корисникот во реално време да перципира и да комуницира со лице што се наоѓа на оддалечена локација.

Во овој случај, астронаутот на Европската вселенска агенција (ЕСА) Томас Пескет, кој носел ВР-опрема на ИСС, можел директно да комуницира со Шмид и членовите на неговиот медицински тим, пишува Саенс алерт.

Иако Мајкрософт веќе неколку години ја развива технологијата за холопортација, таа никогаш порано не била користена за нешто толку амбициозно како поврзување на медицински експерти со астронаутите во вселената.

Но таквата можност би можела да биде од големо значење за идните мисии за истражување на вселената. Имено, на овој начин, научниците би можеле да комуницираат виртуелно во реално време со 3Д-прикази на експерти на Земјата и вселенските станици или од други вселенски летала, со што би се постигнала многу поефикасна соработка од стандардните 2Д-видеоповици.

„Ние не бевме физички таму, но дефинитивно таму беше нашиот човечки ентитет. Замислете покрај себе да можете да го создадете најдобриот експерт или оператор за некоја технологија што ја користите“, рече Шмид.

Следниот чекор во еволуцијата на технологијата е да се овозможи целосно двонасочна холопортациска интеракција.

За време на овој експеримент, Песке бил единствениот што носел ВР-опрема, што му овозможило другите учесници да ги перципира како дигитални 3Д-холограми бидејќи Шмид и неговите колеги не носеле такви уреди. Но доколку сите учесници ја користат оваа опрема во иднина, може да се постигне неверојатно поучна и делотворна комуникација.