Штрајков на вработените во градинките, основните и средните школи продолжува – СОНК не ги прифати понудените 10% покачување


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Генералниот шрајк на вработените во градинките, основните и средните училишта ширум земјава ќе продолжи и од утре. Ова на денес одржаната прес-конференција го изјави првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

Тој посочи оти на последната средба на СОНК со претставници од Владата, која се одржа пред два дена, добиле понуда за зголемување на платите во образованието и детската заштита за 10 отсто, но оти таа понуда била неприфатлива за за 95 проценти од синдикалните организации кои ги застапува СОНК.

Поради тоа, штрајкот ќе продолжи и од утре.

„Владата на РСМ на последната среба со Советот на СОНК на вработените во детската заштита и основното и средното образование им понуди зголемување на платите за 10 проценти, за кое советот на СОНК расправаше денес, а врз основа на изјаснувањата на повеќе од 500 синдикални организации на СОНК од овие дејности. Над 95 проценти од синдикалните организации се изјаснија за отфрлање на дадената усна понуда од Владата“, кажа претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Образложението за носење на оваа одлука Неделков ја истакна во повеќе точки. Меѓу другото, кажа оти членовите на СОНК реагираат на несериозниот пристап на надлежните кои што скоро два месеци преговараат со претставници на СОНК, а не даваат никаков конкретен предлог.

„Золемувањето на платите од 10 проценти во детската заштита и во основното и средното образование воопшто не кореспондира со зголемувањето на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата“ , истакна Неделков.

Освен барањето за усогласување на платите по однос на покачување на минималната плата, Советот на СОНК, како што посочи Неделков, доставил и други барања за склучување на нови колективни договори за кои, како што рече, воопшто не е ни преговарано. Тој додаде оти членовите на СОНК сметаат дека едно од најважните прашања е постигнување договор со владата за усгогласување на платите со колективен договор на кои што се спремни, како што рече, да се прави во динамика од две години.

Претседателот на СОНК, меѓу другото, истакна оти Советот на Синдикатот е подготвен на интензивни и рационални преговори со Владата на кои, како што рече, би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала спогодба, сè со цел во најкраток можен рок да продолжи воспитно-образовниот процес.

Претходно денеска, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска упатија апел до вработените во градинките и училиштата за прекин на штрајкот и враќање на децата во училишните клупи и во градинките.

Тие истакнаа оти Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог било постигнато зголемување на платите на вработените во овие сектори за 21 процент.