Почина Мајда Тушар


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На 70-годишна возраст во Скопје почина македонската театарска и филмска актерка Мајда Тушар. Веста ја потврија и од Драмскиот театар во Скопје.

Мајда Тушар е родена во 1950 година во Скопје. Дипломирала актерска игра во првата класа на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од 1972 до 2015 година беше дел од Драмскиот театар во Скопје.

Тушар во својата плодна кариера одигра бројни главни и споредни улоги на сцената на Драмскиот театар и театрите низ Македонија.

Меѓу најпознатите театарски улоги по кои ќе ја паметиме се Рут во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“, Лисјена во „Болва во уво“, Дафина во „Јане Задрогаз“, Неда во „Црнила“, Ленче во „Ослободување на Скопје“, Орсолина во „Рибарски караници“, Невестата во „Чудото на Свети Ѓорѓи“, Клодија во „Тетовирани души“, Кристина во „Сили во воздухот“, Медеја во „Медеја“ и многу други.

Мајда остави голем белег и во македонската кинематографија со улогите Анѓа во филмот „Истрел“, Даница во „Парадоксот на Диоген“, Босилка во серијата „Наши години“, Маре во филмот „Оловна бригата“, Кони во серијата „Наше маало“…

Актерката беше добитничка на престижната награда „Св. Климент Охридски“ за исклучителен придонес во областа на театарот. Ја доби наградата за актерка на годината за нејзиното толкување на ликот Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“, за истата улога ја освои и наградата „Војдан Чернодрински“.