Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Управителот и сопствениците на „Привилиџ“ ќе одговараат согласно законските одредби, апелираше во неговото вечерашно гостување во „Топ тема“ на Телма министерот за економија Крешник Бектеши на прашањето за ситуацијата со ноќниот клуб кој работел без лиценца, а пред кој се случи убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
Ноќниот клуб во Градскиот парк во Скопје веќе имал забрана за работа која не ја почитувал, а по убиството на ракометарот пред оваа дискотека, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) повторно отиде на терен и го затвори.
„Во однос на локалот кој немал лиценца за вршење на одредена дејност, во овој случај на ноќен клуб, ние отворено и транспарентно кажавме дека ова не е обврска на Министерството за економија, но не и на Владата, тоа е на инспекторатите. Колку што сум информиран од страна на ДПИ тие веќе направиле контрола и веќе е затворен. И претходно иако имал забрана за вршење на дејност тие работеле и согласно тоа ќе одговараат согласно законите во нашата државата. Ние секако дека како институција како Министерство за економија кое води регистар за давање лиценци за ноќни клубови во Секторот за туризам од вчера веќе ја известивме и МВР и јавноста дека тој локал не поседува лиценца и сега надлежните институции треба да постапат согласно законските одредби“, рече Бектеши.
Тој повика институциите, како што е обвинителството, понатаму што побргу да ја завршат работата.
Инаку, за убиството на 28-годишниот ракометар кој настапуваше за ракометниот клуб Бутел, осомничени се три лица од Скопје, две момчиња на возраст од 28 и 22 години, како и 19-годишна девојка. Првоосомничениот беше во бегство, но од синоќа тој е приведен и се наоѓа во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, за настанот што се случи на 7 април, се огласи во саботата на 9 април и соопшти дека пред ноќниот клуб настанала расправија, по што осомничените го нападнале Тот и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите, ракометарот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест, а осомничените продолжиле да го удираат по главата и потоа без да му укажат помош заминале.
Младиот ракометар бил забележан од вработена во ноќниот клуб пред кој се случил нападот, која повикала Итна медицинска помош, по што бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје.
Според информациите од лекарите, кои ги сподели скопското обвинителство, Тот имал престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. Бил ставен на апарати за дишење, но и покрај борбата на лекарите и обидите за реанимација, починал.