Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Современиот филозоф и политички аналитичар Ноам Чомски првпат како 10-годишник се соочил со опасностите на странската агресија. „Првиот напис кој го напишав за весникот на основното училиште беше за падот на Барселона во 1939 година“, се сеќава Чомски во интервјуто за Њу стејтсмен, пренесува МКД.МК.
Тоа била најава за ширењето на „мрачниот облак на фашизмот“ низ светот. „Од тогаш не го сменив мислењето, само стана полошо“, горко забележува американскиот филозоф и политички активист. Поради климатската криза и заканата од нуклеарна војна Чомски кажа дека се приближуваме на најопасната точка во човечката историја. Смета дека се соочуваме со можноста за уништување на организираниот човечки живот на Земјата.
На возраст од 93 години, како можеби најцитиран жив интелектуалец на светот, на Чомски би можело да му се прости што се повлече од јавната сфера. Но во ерата на трајна криза тој го задржува моралниот жар на млад радикал – повеќе заинтересиран за светската смртност отколку за својата. Тој е подвижна реклама за предупредувањето на поетот Дилан Томас: „Не оди кротко во таа добра ноќ“ или за она што Чомски го нарекува „теорија на велосипед: ако продолжиш брзо, нема да паднеш“.
Повод за разговорот е објавувањето на „Хрониките на несогласувањето“, збирка интервјуа на Чомски и радикалниот новинар Дејвид Барсамијан од 1984 до 1996. Но, позадината е војната во Украина – тема за која Чомски е очекувано разговорлив.
„Тоа е монструозно за Украина“, кажа Чомски. Како многу Евреи, тој има семејна врска со тој регион – неговиот татко е роден во денешна Украина и емигрирал во САД во 1913 за да избегне служење во царската војска. Неговата мајка е родена во Белорусија. Чомски, кого критичарите често го обвинуваат дека одбива да осуди која било антизападна влада, веднаш ја осуди агресијата на Владимир Путин.
Меѓутоа, потоа додаде: „Зошто го направи тоа? Постојат два начини на гледање ан ова прашање. Еден од начините, модерен на Западот, е да се вовлече во искривениот ум на Путин и да се обиде да се утврди што се случува во неговата психа.
Вториот начин би бил да се погледнат фактите. На пример, дека САД во септември 2021 испратија силна политичка најава, повикувајќи на засилена воена соработка со Украина, испораки на напредно оружје, сè како дел од програмата за влез на Украина во НАТО. Одберете го својот начин на гледање на ова, не знаеме кој е вистинскиот. Она што го знаеме е дека Украина ќе биде дополнително уништена. И би можеле да завршиме во нуклеарна војна ако не ја следиме можноста за договорно решение“.
Чомски го искоментира и тврдењето дека најголемиот страв на Путин не е од приближувањето на НАТО, туку од ширењето на либералната демократија во Украина и блиското соседство на Русија.
„Путин е подеднакво загрижен за демократијата како и ние. Ако е можно на неколку минути да се пробиеме од пропагандниот балон, да кажеме дека САД имаат долга историја на поткопување и уништување на демократијата. Морам ли да го објаснувам тоа? Иран 1953, Гватемала 1954, Чиле 1973 и така натаму. Но сега би требало да ја почитуваме и да се восхитуваме на огромната посветеност на Вашингтон на суверенитетот и демократијата. Тоа што се случило во историјата не е важно. Тоа е за другите луѓе“.
„Што е со проширувањето на НАТО? Постоеше експлицитно, недвосмислено ветување на американскиот државен секретар Џејмс Бејкер и претседателот Џорџ Буш Постариот на Горбачов дека, ако се согласи да ѝ дозволи на обединета Германија да се придружи на НАТО, САД ќе обезбедат да нема понатамошно ширење кон исток. Околу ова сега многу се лаже“.
Чомски, кој во 1990 година забележа дека „секој повоен американски претседател би бил обесен кога би се применувале Нирнбершките закони“, зајадливо зборува за Бајден.
„Секако дека е правилно морално да се згрозуваме поради постапките на Путин во Украина“, кажа Чомски за неодамнешната изјава на Бајден дека рускиот претседател „не може да остане на власт“.
„Но би бил уште поголем напредок да се изрази морален гнев поради другите ужасни злосторства. Во Авганистан буквално милиони луѓе се соочуваат со глад. Зошто? На пазарите има храна. Но луѓето кои имаат малку пари мораат да ги гледаат своите деца како гладуваат бидејќи не можат на пазар да купат храна. Зошто? Затоа што САД, со поддршка од Британија. Ги задржа авганистанските депозити во њујоршките банки и одбива да ги ослободи“.
Презирот на Чомски кон лицемерието и противречностите на американската надворешна политика му е познат на секој кој прочитал една од неговите бројни книги (неговото прво политичко дело, „Американската моќ и новите Мандаринци“, објавено во 1969, го прорече поразот на САД во Виетнам). Но сега е најзборлив кога зборува за можното враќање на Доналд Трамп и климатската криза.
„Доволно сум стар за да се сеќавам на раните 30-ти години. И ми доаѓаат спомени. Се сеќавам дека ги слушав говорите на Хитлер на радио. Не разбирав ни збор, имав само шест години. Но го разбирав расположението. И беше застрашувачко. А кога ќе погледнете некој од собирите на Трамп, јасно е на што потсетуваат. Тоа е она со што се соочуваме“.
Иако се идентификува како анархосиндикалист или либертаријански социјалист, Чомски открива дека во минатото гласал за републиканците („ни се допаѓале тие или не, беа автентична партија“). Но сега вели дека се навистина опасна појава.
„Поради фанатизмот на Трамп базата на обожаватели на Републиканската партија едвај ги смета климатските промени за сериозен проблем. Тоа е смртна пресуда“.
Соочен со такви егзистенцијални закани, можеби и не изненадува тоа што Чомски останува интелектуалец дисидент како еден од своите херои, Бертран Расел (кој доживеа 97 години и на сличен начин се бавеше со политика и филозофија). Но и понатаму минува часови секој ден одговарајќи на мејлови на обожавателите и критичарите и предава лингвистика на Универзитетот во Аризона.
Чомски ја следи и британската политика: „Брегзитот беше многу сериозна грешка, тоа значи дека Британија ќе мора уште повеќе да им се потчини на САД. Мислам дека тоа е катастрофа. Што значи тоа за Конзервативната партија? Ќе мора да лажат за да се извлечат од тоа, тие добро лажат за многу нешта и така се извлекуваат“.
За Кеир Стармер, лидерот на британската опозиција, забележува: „Ја претвора Лабуристичката партија во сигурен послушник на власта, кој ќе го следи тачеризмот во стилот на Тони Блер и кој ќе внимава да не се замери со САД или кој било друг важен за Британија“.
Што му дава надеж на Чомски?
„Има многу млади луѓе, еколошкото движење Екстиншн ребелион во Англија, млади луѓе кои се обидуваат да спречат катастрофа. Граѓанската непослушност не е шега, со неа се бавам поголемиот дел од својот живот. Сега сум престар за тоа (Чомски првпат бил уапсен во 1967 поради протести против војната во Виетнам и делел ќелија со Норман Мејлер). Не е пријатно да бидеш фрлен во затвор и претепан, но тие можат тоа да го поднесат“.
„Има многу млади луѓе кои се право се згрозени од однесувањето на постарата генерација и посветено се обидуваат да го сопрат ова лудило пред сите да нè голтне. Па, тоа е надежта за иднината“, заклучува Чомски.