Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Судот одлучи дека трите ексклузивни стана од вкупна површина од околу 750 квадратни метри во објектот „Панорама резиденс“, за кои во предметот „Плацови на Водно“ бизнисменот Орце Камчев кажа дека се чуваат за експремиерот Никола Груевски од денеска ќе бидат замрзнати, пренесува 360 Степени.
Обвинителката Лиле Стефанова, на денешното судско рочиште, го достави предлогот тие да се замрзнат, а судот одлучи да го прифати.
Овие станови се во сопственост на фирмата „СС инвестмент“, чиј сопственик е Мето Стојчевски, сопруг на сестрата на Орце Камчев, и за нив Камчев во својот исказ кажа дека биле дадени како замена за атрактивните парцели на Водно кои се предмет на обвинение.
Покрај одлуката за замрзнување, на денешното рочиште судот одлучи и да не ги прифат „бомбите“ кои изминативе денови се појавија на јутјуб-каналот „The truth above all“, а во кои се слушаат разговори помеѓу Камчев и Груевски. Тие како доказ во судот беа предложени од адвокатот по службена должност на бившиот премиер.
Барајќи да се слушнат како докази, тој рече дека ова се законски прибавени снимки и посочи дека разговорот е сниман со приватен мобилен телефон. Наспроти него, пак, обвинителката Лиле Стефанова беше на став дека снимките не се докази, односно дека Груевски без да му каже на соговорникот го снимал, па поради тоа тие се незаконски. Според неа, во тие разговори и нема јавен интерес, освен интересот на бившиот премиер за кој, како што кажа, ги имал уште во февруари и не ги приложил како доказ.
Ако се прифатат тие докази, рече Стефанова, тогаш треба да се прифатат и „бомбите“ каде експремиерот кажува дека за џабе нашол земјиште.
Појавата на аудиоснимките следуваше откако Камчев, кој заедно со Груевски е обвинет во случајот, при давањето исказ пред десет дена кажа дека експремиерот, преку неговата сестра Кристина Камчева, им понудил да го купат земјиштето, а тие одлучиле да ја прифатат понудата, меѓу другото, и поради одмаздољубивиот карактер на Груевски.
Поранешниот премиер, кому му се суди во отсуство, пак, се огласи од Будимпешта преку социјалните мрежи обвинувајќи го Камчев дека се „испазарил“ и преку ноќ го сменил исказот.
Груевски потоа на Фејсбук ги потврди и „бомбите“ со порака дека тие покажуваат оти тој нема никаква врска со предметот „Плацови на Водно“, спротивно од тоа што го тврдеше Камчев во својот исказ пред судот.
„Овие снимки точно покажуваат дека немам никаква врска со таканаречените ’Плацови на Водно‘. Јасно е дека никој не зел милион и пол евра од партија. Јасно е дека од никого не сум барал никакви услуги или совети за купување на тие плацови. Самиот Камчев ми кажа дека имал подготвено и физибилити студија за изградба на старечки дом за лица на кои им е потребна лекарска грижа. Самиот Камчев ми кажа под каков притисок бил не само тој, туку и останатите обвинети и сведоци за да даваат лажни искази“, порача Груевски.
Според неговото тврдење, разговорите се случиле во февруари 2021 година, односно во периодот кога предметот беше во фаза на истрага.
Во разговорите се слуша како Камчев му реферира на Груевски за тоа дека давал исказ пред обвинителството и дека нема докази против експремиерот.
„Јас сум ти кажал. Уживај, спиј мирно за ова, завршено. Батали, воопшто не го мисли. Од наша страна не го мисли воопшто. Сум ти го дал зборот. Тоа ќе биде така како што е зошто нема друго што да кажам. Друго треба да ги лажам и да те наместам. Прво не сум таков човек, второ, те почитувам како човек и трето тоа нема да се случи откај нас“, вели Камчев во еден дел од разговорот.
Со денешното рочиште, на кое се донесоа одлуките за замрзнување на становите и за неприфаќање на „бомбите“ предложени од Груевски како докази, заврши и дополнителната доказна постапка.
Наредната недела обвинителката Стефанова, како и обвинетите и нивните адвокати треба да започнат со давање заврши зборови, по што се очекува судот да ја соопшти и пресудата.
Според обвинителството, Груевски во предметот се товари за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Покрај земјиштето на Водно, обвинението опфаќа и парцели во Крушево и два стана во Скопје. Со цел да се прекрие вистинскиот сопственик, во шемата на купување имот е вклучена и фирмата „Сирах Инженеринг“ која е фирма-ќерка на офшор-компанијата „Сирах Лимитед“, чиј сопственик Ненад Јосифовиќ, како и управил на македонската фирма, Ристо Новачевски, се меѓу обвинетите.
Искази во кои ја потврдија инволвираноста на Груевски пред судот дадоа и Јосифовиќ и Новачевски. Новачевски, кој му е кум на експремиерот од првиот брак, во својот исказ кажа дека Груевски од него побарал да биде управител на фирмата „Сирах инженеринг“, фирма-ќерка на „Сирах лимитед“ од Белизе, како и дека преку неа го купил плацот на Водно. Исто така, кажа дека тој го купил и државното земјиште во Крушево, исто по желба на Груевски, кој сакал да гради вила таму откако ќе му заврши премиерскиот мандат.
Груевски, пак, обвини дека и тој лажел бидејќи бил уценет.
На обвинителна клупа седи и првиот братучед на експремиерот, бившиот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој нарекувајќи ги „чиста невистина“ ги отфрли сите обвинувања против него во овој судски предмет.
Уште една обвинета во овој процес е и мајката на Орце Камчев, Ратка Куновска-Камчева.