Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Откако правната тројка Фатиме Фетаи, Никола Тупанчевски и Лазар Нанев на сметка на ФФМ летаа со чартер со Палермо и од ВИП ложа навиваа за Македонија, македонската Комисија за спречување на корупција ги повика Владата, Судскиот совет и советот на обвинители да утврдат дали има прекршување на етичките кодекси, а од Комисијата пак ќе продолжат да ги разгледуваат сите правни акти.
„Комисијата ќе ги разгледа сите правни акти околу прашањата за подароци со цел да се утврди дали овие службени лица постапиле по правната регулатива. Но бидејќи станува збор и за етичко однесување, потенцијален судир на интереси и интегритет воопшто, ДКСК ги повикува надлежните институции, односно Владата, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да утврдат дали има прекршок на етичките кодекси.“ – велат од Државна Комисија за спречување корупција, пренесува ТВ 24.
Од Судскиот совет пак велат дека доколу утврдат нестручно работење кај судија тогаш може да реагират, но не можат да коментираат за прекршување на етичкиот кодекс на судиите.
И од Советот за јавни обвинители велат дека тие не се надлежни за утврдување дали некој обвинител го прекршил етичкиот кодекс.
Но, според етичкиот кодекс на судиите не смеат да примаат подароци чија вредност надминува 3.000 денари, кодексот на обвинителите пак уште построг- не смеат да имаат непримерни врски со законодавната и извршната власт, но и не смеат да примаат подароци и бесплатни услуги, ако со тоа може да ја доведат во прашање нивната непристраност и објективност.
Дали патот за Палермо ќе ги чини функција Фетаи, Нанев и Тупанчевски? Владата ја прашавме дали ќе биде разрешен министерот за правда, но одговор на тоа не добивме. За тоа дали пак ќе биде казнет што го прекршил етичкиот кодекс на функционерите од Владата одговорија:
„Владата го следи случајот со министерот за правда Никола Тупанчевски и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување.“ – велат од Владата.
Ниту Тупанчевски ниту Нанев денеска не одговорија за тоа дали ќе приложат докази дека на свој трошок патувале во Палермо. Фетаи синоќа до ТВ 24 испрати уплатница дека сместувањето е платено од нејзини лични средства, но сумата е уплатена вчера, а не пред една недела кога и отпатуваа заедно со фудбалерите. Денеска ја прашавме зошто средствата ги уплатила синоќа?
„По претходно издадени фактури кои имаат рок на плаќање се разбира.“ – изјави Фетаи за ТВ 24.
Од триото сепак само Фетаи и Нанев одлучија да одат во Порто и да ги бодрат денеска нашите фудбалери, додека пак Тупанчевски сепак ќе го гледа натпреварот пред малите екрани, односно нема да им прави друштво.