НАТО позиционира повеќе воени бродови кај Летонија за заштита на најранливиот дел од источното крило на Алијансата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Неколку часа после започнувањето на нападот од страна на руските сили врз Украина на 24 февруари, командантот на германската морнарица Терје Шмит Елијасен добил наредба да испрати пет воени брода под негова команда во поранешната советска република Летонија за да помогне да се заштити најранливиот дел од источното крило на НАТО, пишува Ројтерс.

Наредбата била дел од германскиот обид да се испрати „сè што може да плови на море“, како што тоа го опиша главниот шеф на морнарицата, во одбрана на областа која воените стратези долго ја сметаат за најслаба алка на воениот пакт.

Ненадејното испловување на бродовите покажува дека руската инвазија НАТО и Германија ги врати во новата реалност и ги соочи дипломатите, разузнавачите, политичките и воените функционери со фактот кој безбедносните извори го нарекуваат најсериозна закана за безбедноста на воениот блок уште од Студената војна, пишува британската агенција.

„Оваа мисија јасно го покажува нашето присуство на источниот Балтик“, кажа Шмит Елијасен. Вкупно 12 воени бродови со околу 600 морнари би требало да почнат со операција за чистење мини во следните денови.

Целата ситуација во светот поприлично личи на враќање во минатото, пишува Ројтерс. Формиран во 1949 година за одбрана од СССР, НАТО се соочува со враќање на механизирано војување, огромно зголемување на трошоците за одбрана и потенцијално нова железна завеса која паѓа низ Европа.

Откако се мачеше да си најде нова улога по Студената војна, спротивставувајќи се на тероризмот по нападите на 11 септември 2001 на Соединетите Американски Држави и по понижувачкото повлекување од Авганистан, НАТО се враќа во одбрана од својот изворен непријател.

Но, со една разлика. Кина, која се раздвои од Советскиот Сојуз за време на Студената војна, одби да ја осуди руската инвазија на Украина, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“. А старите нацрти од Студената војна повеќе не важат бидејќи НАТО се прошири на исток од 1990-тите, голтајќи поранешни советски држави – балтичките Литванија, Летонија и Естонија во 2004.

На почетокот на февруари Кина и Русија испратија силна заедничка порака во која го осудија ширењето на НАТО во Европа и го доведоа во прашање меѓународниот поредок предводен од САД.

Директна конфронтација меѓу НАТО и Русија би можела да доведе до глобален конфликт.

„Дојдовме до пресвртница“, вели пензионираниот германски генерал Ханс Лотар Домросе, кој до 2016 командуваше со една од највисоките команди на НАТО во холандскиот град Брунсум.

„Ги имаме Кина и Русија кои сега дејствуваат заедно, храбро предизвикувајќи ги Соединетите Држави. Во минатото кажувавме дека одвраќањето функционира. Сега мораме да се прашаме: дали одвраќањето е доволно?“, прашува германскиот генерал.