Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бившиот бугарски премиер Бојко Борисов е приведен од полицијата во рамките на заедничка акција на европското обвинителство и националната полиција, објавија бугарските медиуми.
„24 часа” јавува дека синоќа полицијата влегла во домот на Борисов, а објаснувањето било дека спроведува „итна проверка”. Информацијата е потврдена и од партијата на Борисов, ГЕРБ.
Исто така, приведени биле и министерот за финансии во владата на Борисов, Владислав Горанов, поранешната шефица на Комисијата за буџет во бугарскиот Парламент, Менда Стојанова и портпаролката на Борисов, Севдалина Арнаудова.
Според медиумите во Бугарија, вчера вечерта во тек била операција на полицијата за 120 случаи на злоупотреба на европски пари.
Од партијата на Борисов, ГЕРБ тврдеа дека Борисов не е приведен туку 10 полицајци вршеле претрес во неговиот дом.
Телевизијата Нова јавува дека при претресот во домот на Борисов бил откриен џип, во сопственост на фирмата „Аркад” која што го гради гасоводот ”Турски ток” низ Бугарија.
Весникот „Сега” објавува дека полицијата има право да задржи некого 24 часа, а за подолго треба да одлучи Обвинителството. Ако покрене обвинение , притворот може да се продолжи на 72 часа, по што ако лицата бидат обвинети можат да бидат задржани во притвор само со судска одлука.
Бугарскиот премиер Кирил Петков синоќа се огласи со објава на Фејсбук и напиша: „Никој не е над законот”.