Прилепската болница четири дена е без греење


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Четири дена се смрзнуваме во болничка соба во која радијаторите се грч ладни, а нема ни клима уред, ниту греалка“, апелира 37-годишниот Рубин Ристевски, пациент од Прилеп, кој поради висок крвен притисок веќе една недела лежи на интерното одделение во прилепската болница.

Тој во телефонски разговор за Канал 5 објаснува дека дошол во за да оздрави, ама се доразболел, качил и над 38 температура, бидејќи внатре му е постудено од надвор. Вели, ги прашуваме лекарите зошто е студено, а тие само креваат раменици.

-Четири дена немаме греење и никој не доаѓа да не праша како ни е на нас, или да донесе нешто за затоплување. За нас овде никој не е заинтересиран. Јас веќе два дена сум со температура, неколкумина сме во собата и повеќе не се издржува. Доаѓаат лекари не надгледуваат, но никој ништо не кажува.

Дел од пациентите на други оддели велат и дека и мажи и жени се ставаат во една соба каде има клима за да се затоплат, како и дека самите лекари им кажуваат да дојдат на хоспитализација со греалка, но директорката на прилепската болницата Кети Смилевска ова го демантира и тврди дека не е вистина.

Смилевска не сакаше да даде изјава пред камера, но во телефонски разговор за Канал 5 вели дека радијаторите не биле ладни, туку млаки, бидејќи се штеделе последните резерви на мазут. Според неа, проблемот со греењето ќе се реши утре кога ќе пристигне мазутот од новиот добавувач, бидејќи на стариот, кој повеќе не сакал да соработува со нив, пред 5 дена му истекол договорот.

Од Министерството за здравство пак, велат дека се информирани за, како што наведуваат оптимизрана потрошувачката на мазут за греење во прилепската болница, земајќи предвид дека добавувачот без претходна најава го прекинал договорот за испорака. Додаваат и дека се работи на трајно решение на овој проблем.