Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Обединетите нации очекуваат дека како последица на руските воени операции во Украина ќе има егзодус на десет милиони луѓе.
Од оваа бројка околу четири милиони луѓе би можеле да побегнат во соседните држави, но тоа е само првична процена, изјави портпаролот на генералниот секрететар на Обединетите нации, Стефан Дужарик.
Засега на агенциите на светската организација не им е познато колку луѓе се внатрешно раселени во Украина и колку уште ќе бидат раселени.
Повеќе од еден милион бегалци во изминатите осум дена ја напуштиле Украина откако руските сили ја почнаа воената инвазија и ги засилија артилериските напади врз градовите. Само во средата земјата ја напуштиле речиси 100.000 луѓе, што значи дека во секоја секунда од денот повеќе од еден Украинец ја поминувал границата.
– Луѓе чекаат и повеќе од 60 часа за да ја напуштат Украина – изјави високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди.
Полска досега прифати повеќе од 600.000 Украинци, но очекува уште стотици илјади. На украинската страна од границата во текот на вчерашниот ден чекаа уште илјадници бегалци во колона од возила долга 15 километри. Варшава подготвува и „медицински воз“ што ќе ги транспортира повредените и болните Украинци до 1.230 болници во пограничните региони.
Повеќе од 140.000 бегалци заминаа во Романија и во Унгарија, во Молдавија пристигнале 100.000, во Словачка 80.000, а продолжува и егзодусот кон исток и кон север – во Русија и во Белорусија се засолниле повеќе од 50.000 луѓе.
– За само седум дена бевме сведоци на егзодус на милион бегалци од Украина во соседните земји – објави Гранди. Тој побара да запре војната во Украина и да се отвори безбеден коридор за доставување хуманитарната помош до милиони загрозени луѓе.
Обединетите нации предвидуваат дека околу 7 милиони Украинци ќе ја напуштат татковината ѝ и порачаа на Европската Унија да се подготви за нов бран.
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон потврди дека повеќе од милион Украинци пристигнале во соседните земји, но и дека само неколкумина од нив побарале азил. Европскиот парламент деновиве ќе се произнесе за барањето од Европската комисија привремено раселените лица од Украина да добијат право на работа, здравствена заштита и образование. Јохансон потврди дека досега ниту една земја од ЕУ не побарала воведување систем за прераспределба на украинските бегалци.
– Време е за силни одлуки. Мораме да си помагаме, земјите не можат сами да се справат со бранот бегалци – изјави Јохансон пред почетокот дводневниот состанок на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи.
И други земји од ЕУ, освен соседите на Украина, најавија дека се подготвени да прифатат бегалци. Обединетото Кралство најави дека ќе прими 200.000 Украинци.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ги посети Белгија, Полска, Молдавија, Летонија, Литванија и Естонија за да разговара за бегалците и помошта што САД може да им да даде во справувањето со бегалската криза.
– Блинкен ќе ѝ се заблагодари на Полска за приемот на стотици илјади бегалци и ќе разговара со Варшава за тоа како САД можат да им помогнат на лицата што бегаат од војната на Путин – соопшти Стејт департментот.