Воениот напад на Русија врз Украина ги зголеми цените на златото и нафтата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Поради воената агресија која Русија утрово ја започна врз Украина, цените на златото нагло скокнаа, a нафтата e најскапа во последните 7 години. 

Цените на златото и паладиумот драстично се зголемија на меѓународните пазари по рускиот напад врз Украина што ги поттикна инвеститорите да го насочат капиталот во сигурни средства.

Цената на унца злато утринава на физичкиот пазар порасна за 1,8 отсто, на 1.941,50 долари и накратко го допре највисокото ниво од минатиот јануари, од 1.948,77 долари. Кај терминските договори на американскиот пазар, беше повисока за 1,7 отсто односно 1.943,20 долари.

„Златото е безбедно засолниште за инвестиции, како и американскиот долар, а денес е неговиот ден. Неговата цена би можела да достигне ново рекордно ниво“, вели Џефри Хали од ОАНДА.

Русија е трет по големина производител на злато во светот, а рускиот „Норникел“ е голем производител и на паладиум и на платина.

Од друга страна, цените на нафтата продолжија да растат по утринскиот скок над 100 долари за барел, по прв пат од септември 2014 година.

Наглиот раст на цената на „црното злато“ беше предизвикан од веста дека Русија започна воена операција во Украина, што ги зголеми стравувањата на пазарот од можно глобално нарушување во снабдувањето со енергија.

Цената на европската нафта Брент порасна за 7,07 долари или 7,3 отсто, на 103,91 долар за барел на тргувањето во 9 часот и 44 минути по средноевропско време, пренесува „Ројтерс“.