Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Научните истражувања фокусирани на мозочните структури на 12 астронаути откриле, како што се опишува во студијата, „значајни микроструктурни промени“ во белата маса одговорна за комуникацијата на невроните во мозокот и помеѓу него и остатокот од телото.
Ова го покажуваат податоците добиени со дифузна магнетна резонанца (dMRI) снимена непосредно пред и по времето поминато во вселената, кое траело во просек 172 дена. Седум месеци подоцна биле извршени дополнителни анализи и иако некои работи „дојдоа на свое место“, сепак биле видливи голем број промени.
Поточно, експертите откриле промени во нервните патишта поврзани со сетилните и моторните функции. Тие шпекулираат дека ова би можело да има врска со адаптацијата на астронаутот на животот во микрогравитација, пишува Science Alert.
Ова е првпат научниците да ги анализираат последиците од продолжениот престој во вселената користејќи техника на снимање на мозокот позната како трактографија. Оваа техника создава 3D слика на нервните патишта, откривајќи приказ на мозочните влакна. Иако промените во мозокот на астронаутот биле забележани и претходно, експертите можеле да користат тракографија за подобро да ги разберат врските помеѓу невроните и промените во нив.
Првично, научниците верувале дека промените се случуваат во корпус калозум, најголемиот пакет влакна во мозокот што ги поврзува двете хемисфери на мозокот. Но, тие подоцна сфатиле дека всушност имало проширување на коморите на мозокот, комуникациските мрежи на коморите исполнети со течност лоцирани долж корпус калозум.
„Структурните промени што првично ги најдовме во корпусот калозум всушност се предизвикани од проширените комори кои предизвикуваат анатомски поместувања на соседното нервно ткиво“, рече неврологот Флорис Вујтс од Универзитетот Антверпен во Белгија.
„Значи, наместо да има вистински структурни промени во мозокот, се случува промена во формата. Тоа ги става работите во поинаква перспектива“, додаде тој.
Промените во нервните патишта не се невообичаени. Тие ни овозможуваат да научиме нови вештини, да создаваме нови спомени и многу повеќе. Сè уште не е познато што точно би можело да има импликациите од ова реструктуирање на мозокот поврзано со престојот во вселената.
Но, она што е познато е дека нашите тела се обидуваат да се прилагодат на животот во микрогравитација. Претходните студии дури покажале дека подолг престој во вселената може да носи зголемен ризик од развој на разни болести. Исто така, се чини дека времето поминато во вселената различно влијае на мажите и на жените.
„Овие наоди служат како дополнителни делови од сложувалката. Бидејќи ова е пионерско истражување, сè уште не знаеме како ќе изгледа целата загатка на крајот. Но, овие резултати придонесуваат за нашето севкупно разбирање за тоа што се случува во мозоците на луѓе кои живеат во вселената.“ рече Вујтс.
Во списанието Frontiers in Neural Circuits е објавена студија наречена Brain Connectometry Changes in Space Travelers After Long Duration Space Flight.