Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Од денеска, 14. февруари, во Македонија почнува скрининг-тестирањето по случаен избор кое треба да покаже дали и каков имунитет на КОВИД-19 има населението во земјава за да и помогне на Комисијата за заразни болести и на државата во планирањето на идните мерки.
Тестирањето се планира да се прави на примерок од 1.000 испитаници во Скопје, но има можност да се прошири во целата земја за да се добијат пореални податоци за имунизацијата во овој момент.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски минатата недела информираше дека вакво тестирање било направено пред една година и тоа покажало дека околу 30 отсто од испитаниците биле серопозитивни, односно имале некаков имунитет, кој се должел исклучиво на прележаната болест.
Министерот за здравство Беким Сали најави серолошка анализа на целата територија на државата.
– Оваа анализа ќе ни покаже реално колку сме имунизирани. Имаме евиденција колку сме вакцинирани, колку се со една, две, три вакцини, со какви вакцини. Но, знаејќи дека особено сојот омикрон поминува со полесна клиничка форма, голем број од нашето население не отишле за ПЦР-тест или сами го поминале омикронот во домашни услови. И сакаме да имаме јасна слика колку од нашето население го поминале ковидот и врз основа на овие резултати, ќе имаме една слика и мислам ќе излеземе пред јавноста да речеме дека според нашите бројки, евиденцијата која ја имаме, 41 процент се имунизирани со вакцина, но врз основа на истражувањето, можеби, сме 60 проценти имунизирани на природен начин, изјави министерот за здравство.
Во светот досега се заразиле над 411 милиони жители, починале 5,8 милиони лица и оздравеле околу 332 милиони луѓе.
Во Канада продолжуваат судирите меѓу канадската полиција и демонстрантите, кои завчера вечерта го блокираа клучниот мост кон САД, и тоа повеќе од седум часа откако властите во воведоа вонредна состојба и одлучија да ја прекинат блокадата на овој важен трговски коридор.
Демонстрантите против строгите владини ограничувања наметнати од пандемијата, го зазедоа и шест дена го држат под блокада мостот „Амбасадор”, нарушувајќи ја меѓународната трговија.
Инспирирани од Канада, противници на мерките против Ковид-19 во Франција организираа протест „Конвојот на слободата”. Париската полиција завчера приведе 97 лица од протестот.
Противниците на мерките во Франција за намалување на ширењето на коронавирусот повикаа на протест со возила. Тие се противат на построгите правила за лицата кои не се вакцинирани.