Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Англија стана најновата земја што го скрати условот за изолација за лицата заразени со коронавирусот на пет дена, додека индустриите, вклучително и здравствениот сектор, се соочуваат со огромни отсуства на персонал поради високопреносливата варијанта омикрон.
Секретарот за здравство Саџид Џавид денеска рече дека одлуката се заснова на податоците на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (УКХСА), кои покажале дека „околу две третини од позитивните случаи веќе не се заразни до крајот на петтиот ден“.
Затоа, од следниот понеделник, секој што ќе биде позитивен на коронавирусот нема да има потреба од седум дена, туку од пет изолација. Тие можат да ја прекинат изолацијата во почетокот на шестиот ден ако добијат два негативни резултати од тест во петтиот и шестиот ден.
Англија ги следи САД, Грција и Франција во намалувањето на изолацијата на пет дена, под услов да се добие негативен тест и заразата да се помине без симптоми. Врз основа на податоците за тоа колку се заразни луѓето, шефицата на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, Рошел Валенски, подоцна призна дека периодот „навистина бил мошне поврзан со она што ние мислевме дека луѓето ќе можат да го толерираат“.
Џавид рече дека има „охрабрувачки знаци“ дека бројките на заразени паѓаат во Лондон и Источна Англија, но призна дека во другите делови на земјата стапките сè уште растат. Тој посочи дека веќе има рани знаци дека стапката на хоспитализација исто така почнува да се намалува.