Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Само во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 8 587 нови случаи Ковид-19, а бројот на активни случаи во Хрватска денеска изнесува 35.202. Од нив, 1.841 пациент се во болница, од кои 230 се на респиратор. Во последните 24 часа починаа 32 лица, соопшти хрватската влада на Твитер.
„Денеска имаме рекорден број новозаболени – 8 587. Овие бројки покажуваат дека омикрон е веројатно многу присутен кај нас. Знаеме дека ова е многу позаразна варијанта на вирусот, а особено голем пораст имаме во Далмација, таму има повеќе случаи отколку во Загреб“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Во изминатите 24 часа во Босна и Херцеговина се регистрирани 1 556 случаи на коронавирус, а тестирани се 5 285 лица. Како последица на ковид, починаа 28 пациенти. За споредба, вчера во БиХ се регистрирани 899 случаи на инфекција со коронавирус, а регистрирани се 23 смртни случаи.
Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 4 086 нови инфекции со коронавирус, а десетти ден по ред бројките рапидно растат, многу повеќе од претходните проекции, што се припишува на ширењето на сојот омикрон.
Според најновата проекција направена на Медицинскиот факултет во Љубљана, сега се очекува брзо ширење на омикрон и нови инфекции, така што на почетокот на февруари се претпоставува дека ќе има околу 8 500, а може да пораснат и до 9 000 случаи.
Се очекува владата да донесе нови мерки за ограничување на растот на епидемијата до крајот на неделата, но не треба да се очекува воведување задолжителна вакцинација и скратување на времето за карантин за оние што биле во контакт со заразените, известуваат словенечките медиуми.
Според препораките на епидемиолозите до владата на Јанез Јанша, строги ограничувања треба да се воведат кога бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега ќе надмине 200, а сега има таму 158. Како што објави словенечкото Министерство за здравство, во болниците во моментов се наоѓаат 542 ковид-пациенти, шест починале во последните 24 часа, а активни се 23 041 случаи.
Кај новозаболените преовладуваат помлади категории со слаби симптоми, но епидемиолозите стравуваат од пренесување на инфекцијата на повозрасните генерации, пренесуваат медиумите.