Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Директорот на Младинскиот културен центар Русе Арсов денеска ја најави неговата оставка од директорската функција и упати отворено писмо да македонската јавност кое подолу го пренесуваме во интегрална верзија.
„По три ипол години, премногу љубов, страст и жар – не издржа срце јуначко, па од здравствени причини ќе морам самиот да се повлечам од оваа функција.
Вчера беше претежок ден за сите нас. Најпрво од медиуми дознавме дека сме криминалци и дека има предлог за тоа да бидеме гонети. А потоа и дека наградата за успешното работење изминатиот период е претставена преку намалување на буџетот за програма за 50%.
Другари,
Последните три и пол години МКЦ реализираше: најубави кинопроекции на кров на ГТЦ, во Парк, на Езерце, а го направивме и најголемото кино на отворено со проекцијата на „Исцелител“ во Градскиот парк. Отворивме нова градска летна сцена во Паркот МКЦ, отворивме три графити и стрит арт галерии, а цртавме мурали и во Ибни Пајко. Ја поведовме иницијативата „Култура во време на корона“, која беше пример и поттик и за другите регионални метрополи, МКЦ стана членка на ФИАФ, стана членка на Лајвјуроп. Беше дел од уште неколку европски проекти и програмски соработки, а беше домаќин и на Урсула фон дер Лајен. Секако ги реализиравме фестивалите, МОТ, Синедејс, Здраво Млади… Ги реновиравме и тоалетите во МКЦ. Само во 2021 и покрај пандемијата преку 650 реализирани настани. Пополека стануваме препознатливи и по поддршката на независната театарска сцена… Ги донесовме Лиза Жерар во Филхармонија, Љубомир Мелник во Пошта…
И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох судбо клета!
И додека ги градевме убавите работи, четри години континуирано се дружевме и со Финансика полиција, и со јавно обвинителство, и со разни ревизии… Се вадеа документи, се уништуваа животи… а на крај едно по едно обвинувања завршуваа како неосновани.
Затоа ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам.
Денес се повлекувам само од функцијата вршител на должност директор. Но останувам во МКЦ, имам уште еден одличен повод за тоа – да помогнам заедно да го направиме јубилејот кој толку гордо го чекаме – 50 години МКЦ.
За следниот директор само да го охрабрам: Не грижи се, МКЦ не е загубар!
МКЦ и покрај пандемијата, кога сериозно беа намалени приходите од влезници и производи, и кога сериозно беа намалени дотациите за режиските трошоци, успеа со максимум од своите можности да ја даде својата поддршка на целата независна сцена – и на крај повторно да ги плати сите свои сметки и да забележи позитивно финансико работење. Па така, во следната јубилејна година да пренесе сопствени средства во висина од 4.000.000 денари, и уште толку сѐ уште ненаплатени побарувања. За оние кои раководат културни институции јасно им е дека ова е сума за почит, на што сме посебно горди.
Ја користам оваа прилика, да им се заблагодарам на сите мои колеги кои и после сите притисоци успеаја да останат најголеми професионалци. Другари фала ви на доверба и поддршка!
И бидејќи никогаш претходно не го направив ова, фала и на сите соработници, гости и пријатели, кои јавно ја даваат својата поддршка на нашето работење, но и кои не потпаднаа на сите клевети, и лаги и гадости кои беа за мене и за нас како МКЦ јавно изнесувани.
Бидете здрави, живи, среќни и весели.
И МКЦ – среќен јубилеј 50 години!“