Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Конзорциумот на издавачките куќи, книжарниците и печатниците започнуваат акција за сочувување, заживување и осовременување на постојните малубројни книжарници и отворање нови книжарници низ земјата и апелираат за помош пред донесувањето на новиот сет економски мерки во услови на корона-кризата.
„Со овој јавен апел до Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија сакаме да укажеме дека економската криза и условите на пандемијата мошне сериозно ги погодија издавачките куќи, печатниците и книжарниците. Притоа, посебно беа погодени и сѐ уште се наоѓаат во незавидна ситуација книжарниците кои во голем број се затворија, а тие што останаа одвај опстојуваат и се наоѓаат во ситуација пред целосно затворање, неработење и исчезнување.
Затоа, молиме и бараме Министерството за култура и Владата посебно да се погрижи за книжарниците и книжарите, зашто книжарството кај нас со години беше во криза, преживуваше и не се развиваше и напредуваше (со ретки исклучоци кога материјалната поддршка беше добиена од државни извори), па сега книжарниците се наоѓаат во катастрофална положба, пред колапс и трајно бришење од регистарот на трговски фирми и мапата на стопански субјекти.
Недозволиво е во голем број градови од нашата Република да нема ниту една книжарница, или да има само една а најмногу две, но и тие не продаваат книги и други изданија, туку само училишен прибор, канцелариски материјали и други најразлични ситници меѓу кои најчесто играчки, па дури и тоалетна хартија“, пишува во соопштението од Конзорциумот.
Оттаму додаваат дека враќањето на дигнитетот на книжарството и тоа на ниво на целава држава, а не само во главниот град и поголемите градови во Републикава, истовремено е спас и враќање и на книгата и читањето кај нас и предлагаат директна државна материјална помош и долгорочни стимулативни законски мерки за сите книжарници во Републикава, со што ќе се зачуваат, спасат и обноват постојните, а ќе се отворат и нови книжарски места таму каде што воопшто ги нема.
„Со книжарниците се затвора кругот автор-издавач-печатар-читател. Во спротивно, попусто е да се објавуваат книги ако нема каде да се изложат, продаваат, промовираат и да стигнат до рацете на читателите.
Најмногу и најсериозно се загрозени книжарниците и книжарите, кои ако продолжи овој надолен негативен тренд и доколку изостане брзата, организирана и ефикасна помош и поддршка од државата – на прагот се од целосното замирање, нефункционирање и згаснување“, се наведува во соопштението.