До 9. декември варијантата „омикрон“ утврдена во 63 земји во светот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека омикрон варијантата на коронавирусот е утврдена во 63 земји во светот. Од СЗО прецизираа дека податоците се заклучно со 9 декември.

Според СЗО, варијантата Омикрон е позаразна од Делта и ја намалува ефикасноста на вакцините, но предизвикува поблаги симптоми, како што покажуваат првичните податоци.

Побрзо ширење на варијантата Омикрон е забележано во Јужна Африка, каде што варијантата Делта е помалку распространета, но и во Обединетото Кралство, каде што Делта е доминантна варијанта.

Сепак, поради недостиг на податоци, не може да се каже дали стапката на ширење на варијантата Омикрон се должи на фактот дека таа е помалку подложна на имунолошки одговор, дека полесно се пренесува или е комбинација од двете.

Првичните податоци покажуваат дека вакцините се помалку ефикасни во однос на заразата и ширењето на Омикрон, констатира СЗО.

Досегашните набљудувања покажаа дека Омикрон предизвикува блага форма на зараза или асимптоматски инфекции, но според СЗО, податоците се недоволни за да се утврди клиничката тежина на оваа варијанта.