Дали Заев ќе го жртвува Филипче и ќе го даде ресорот здравство за Алтернатива да влезе во Влада?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Доколку премиерот Зоран Заев е подготвен да му ја отстапи министерската фотелја од ресорот здравство, со која моментално раководи Венко Филипче, на генералниот секретар на Алтернатива Беким Сали, тогаш лесно ќе падне договор за кадровските решенија и за влез на партијата на Африм Гаши во Владата, пренесува „Слободен печат“ повикувајќи се на изјава од висок функционер од опозициската Алтернатива пред денешната трета средба меѓу Заев и Гаши за окрупнување на владејачкото мнозинство и влез на Алтернатива во власта.

Од тоа дали Алтернатива ќе го добие ресорот здравство ќе зависи и за кои други две министерства ќе се преговара. Партијата останува на позицијата дека за да влезе во Владата, ќе бара три министерски, исто толку заменик-министерски места и околу 30 директорски. Според нашиот соговорник, на претходната средба помеѓу Заев и Гаши немало никакви забелешки, ниту, пак, премиерот го одбил предлогот Сали да дојде на местото на Филипче.

Алтернатива очекува Заев по консултациите со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со другите коалициски партнери, да ги соопшти ресорите што се подготвени да ги отстапат за да влезе партијата на Гаши во Владата.

Отворени за преговори, според Алтернатива, се ресорите транспорт и врски, информатичко општество, образование, труд и социјала, земјоделие и култура. Во зависност од тоа кои министерства ќе ги понуди Заев, така ќе се кројат и заменик-министерските позиции. Алтернатива останува на ставот дека идната влада треба да биде балансирана, односно отстапки за ресори освен СДСМ да направи и ДУИ и да го истурка мандатот до крај.

Неофицијално, СДСМ ги дава министерствата за образование и за култура. Нема потврда дали Заев е подготвен да го отстапи и тоа за здравство.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и кандидат за лидер на СДСМ, кој го придружува Заев во преговорите со Алтернатива, се надева дека Алтернатива ќе донесе позитивна одлука и дека ќе стане дел од владиното мнозинство. Бидејќи, како што рече, тоа ќе обезбеди стабилна влада, која ќе може да ги решава големите проблеми во државата, како што е пандемијата, европската енергетска криза и задржувањето на животниот стандард.