Идентификувањето на телата од загинатите во автобуската несреќа во Бугарија ќе заврши за 7 дена


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата во Софија со бугарскиот главен обвинител надлежен за истрагата, изјави дека самата постапка на идентификување на загинатите лица во трагедијата која се случи со опожарениот автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија се очекува да трае најмалку седум дена.

„Истрагата за автобуската несреќа има врвен приоритет кај бугарското Обвинителство и се работи на тоа што побрзо да излезат со резултати од самата истрага, изјави Османи, додавајќи дека шпекулациите во врска со овој случај на помагаат во истражната постапка.

Седуммина патници кои ја преживеаја вчерашната тешка автобуска несреќа во Бугарија се во стабилна состојба и се чувствуваат добро. Во болницата Пирогов во Софија ќе останат до петок. Министерот за здравство Венко Филипче изутринава разговарал до д-р Иван Поромански, директор на болницата, по што информираше дека повредените од лекарите во болницата ја имаат целата нега, терапија и дадена им е психолошка поддршка.

„Стабилна е состојбата и на двајцата пациенти кои беа оперирани. Кај еден пациент беше извршен хируршки зафат на ногата, а на пациентка и беше извршен помал зафат, ѝ беше оперирано коленото. Сите седум пациенти ќе останат на болничко лекување до петок, а потоа ќе се направи план за нивен транспорт во Скопје“, соопшти Филипче.

Несреќата на автобусот на превозникот „Беса транс“, во која загинаа 45 луѓе, се случи на 23 ноември околу два часот на автопатот „Струма“ во близина на Перник. Во тек е истрага за причините на несреќата.