Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Бившиот министер за финансии од првата Влада на Никола Груевски, универзитетскиот професор Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претседател на Советот на Град Скопје. Тој беше избран за претседател на конститутивната седница што се одржа денеска во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Тој беше избран со 26 гласа „за“ односно доби поддршка од 18-те советници на ВМРО-ДПМНЕ, четворицата од Левица, двајцата Алијанса за Албанците и Алтернатива и двајцата од коалицијата „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ. За изборот на Славески не гласаа советниците од СДСМ (12), ДУИ (5) и Зелен Хуман Град (2).
Славески е универзитетски професор. Тој беше носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори за Град Скопје. Во неговата политичка кариера ја извршува и функцијата министер за финансии во првата влада на Никола Груевски, а беше и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако од ЛДП и ДОМ гласаа за предлогот, советничката Теодора Крстевска изјави дека нема да бидат во коалиција со мнозинството.
„Единствената причина зошто гласавме ’за‘ беше за да имаме конструктивен Совет. Гласавме лично, поради тоа што професорот Славески е докажана личност, со интегритет, доблесна личност, кој веруваме дека ќе ги застапува сите советници, без разлика кој е мнозинство, а кој опозиција“, рече Крстевска.
Славески по седницата изјави дека Советот на Град Скопје е составен од квалитетни професионалци кои ќе работат во интерес на граѓаните на главниот град.
„Тука ние сите сме еднакви, без разлика од која политичка партија или движење доаѓаме, затоа што во Советот на Град Скопје или за градските прашања и проблеми нема многу простор за политика, идеологија, геополитика… Тука станува збор за прашања од суштинско значење за квалитетот на животот на граѓаните, како што е квалитетот на воздухот, мобилноста, сообраќајот, паркирањето и инфраструктурата, кои ние сега треба да ги решаваме“, изјави Славески.
Тој додаде дека Советот ќе ѝ дава поддршка на градоначалничката Данела Арсовска, но во исто време ќе биде и контрола на нејзината работа, на работата на јавните претпријатија и на сите други институции од областа на образованието, културата, социјалната заштита…, кои се во надлежност на Град Скопје.
На прашање за новата локација која треба да се избере, а каде што би се преместила администрацијата на Град Скопје, Славески рече дека треба да се слушне предлог и додаде оти не размислувал за тоа. Тој посочи дека остануваат во оние простории во кои функционираат Градот Скопје и Советот.
„Најверојатно, како што е ред, градоначалникот ќе изврши ревизија на досегашното работење на претходниот градоначалник, на службите, на јавните претпријатија и мене ме интересираат некои детали околу таа операција, трансакција, неуспешна за нова зграда или простории на Град Скопје“, изјави Славески.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се одржуваат седниците на Советот во иднина, Славески рече дека сè уште немал средба со службите на Град Скопје и додаде оти треба да добие инструкции. Според него, ќе треба да се почитуваат сите протоколи кои се предвидени и препорачани од Комисијата за заразни болести. Најави дека ако има услови за одржување седници со физичко присуство, тие ќе се одржуваат на тој начин. Ако нема услови, тогаш седниците ќе бидат онлајн.