Фајзер дава дозвола нивната експериментална таблета против Ковид-19 да се произведува и продава во 95 земји во развој


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Американската фармацевтска корпорација Фајзер склучи договор дека дозволува нејзината експериментална таблета за лекување ковид-19 да се прави и продава во 95 земји во развој.

Договорот со непрофитната организација Медисинс патент пул поддржана од ОН може да го направи лекот достапен за 53% од светската популација.

Но во него нема неколку земји што имаат големи жаришта на ковид-19, меѓу кои е и Бразил.

Фајзер вели дека пилулата го намалува ризикот од тешка болест кај ранливите возрасни лица.

Во денешното соопштение Фајзер вели дека договорот ќе им овозможи на локалните производители на лекови да ја произведуваат таблетата „со цел да се олесни поголем пристап до светското население“.

„Фајзер“ нема да наплаќа авторски права за продажба во земјите со пониски приходи и рече дека ќе се откаже од тантиемите во сите нации вклучени во договорот сѐ додека Светската здравствена организација го означува ковидот како алармантна јавноздравствена состојба.

Во почетокот на ноември Фајзер рече дека според клиничките испитувања, нејзината пилула против ковид-19, паксловид, го намалува ризикот од прием во болница или смрт за 89% кај возрасните пациенти со висок ризик.

Чарлс Гор, директор на непрофитната организација, во изјавата рече дека лиценцата е важна бидејќи „овој орален лек е особено добро приспособен за земјите со низок и среден приход и може да игра клучна улога во спасувањето животи“.

Повеќето од вклучените земји се во Африка или Азија. Сепак, нациите како Бразил, Кина, Русија, Аргентина и Тајланд, кои имаат големи жаришта, не се дел од договорот, вели Би-би-си.

Некои експерти велат дека ова не е доволно за да се решат нееднаквостите во пристапот до третманите и вакцините за ковид-19.

„Фајзер“ и другите фармацевтски компании, исто така, се спротивставија на повиците за укинување на патентите за нивните вакцини против ковид.

Организацијата Лекари без граници во изјава за Асошиејтед прес порача дека е „обесхрабрена“ што со договорот таблетите на Фајзер против ковид-19 не се достапни насекаде во светот.

„Светот сега веќе знае дека пристапот до медицинските алатки против ковид-19 треба да се загарантирани за секого, секаде, доколку навистина сакаме да ја контролираме оваа пандемија“, рече советникот за правна политика на групата Јуанчионг Ху.

Во октомври, друг производител на лекови, Мерк, објави сличен договор со Медицинс патент пул за да им овозможи на производителите да произведуваат сопствена таблета против ковид-19, молнупиравир.