Заев го поканил Гаши да одбере ден за разговори за можноста „Алтернатива“ да влезе во Влада


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев имал телефонски разговор со лидерот на Алтернатива Африм Гаши.

Побарал од него да избере ден кога да се сретнат за да разговараат за можноста Алтернатива да биде дел од парламентарното мнозинство.. Ова за Канал 5 го потврдува висок функционер на СДСМ.. Од партијата на Гаши засега не откриваат дали нивниот лидер ја прифатил поканата на Заев.

Претседателот на Алтернатива во петокот во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, на прашањето дали добиле понуда од СДСМ за разговор за влез во Владата, изјави дека не добиле ниту една понуда, а посочи дека е принципиелно прво да дискутираат во ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците за да видат каков е нивниот капацитет за развој на понатамошните процеси и за излез од кризата.

Власта деновиве најави дека има цврсто пратеничко мнозинство, но детали се уште не се објавени во јавноста.

Сутуацијата со кризата настана по гласањето во вториот круг на локалните избори на кои победи опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по што премиерот Заев најави оставка. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатива, Движењето Беса и Левица соопштија дека имаат мнозинство од 61 пратеник во Собранието и поднесоа иницијатива за да изгласаат недоверба на Владата, но во четвртокот иницијативата пробадна, бидејќи на седницата не се појави пратеникот на Движењето Беса Кастриот Реџепи кој беше на списокот од потпишаните 61 пратеник.

Премиерот Зоран Заев во меѓувреме најави дека оставката ќе ја одложи, откако партиските тела тоа го побарале од него по одржани средби на кои се зборувало за менаџирање на политичката криза, енергетската криза и пандемијата.

Гаши во петокот рече дека ако имаат заеднички точки и ако се усогласат со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, ќе можат да продолжат да бидат конзистентни како конструктивна опозиција.

„Но, доколку не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, во тој нов контекст каде може да се најде себеси Алтернатива и се разбира, ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи“, рече Гаши.

Тој исто така оцени дека во моментов не е добро да бидат одржани брзи парламентарни избори, наведувајќи ја како причина состојбата во која се наоѓа државата и поради тоа што земјата во последните неколку години постојано е во избори.