Прво официјално обраќање на пратеникот Кастриот Реџепи кој со неговото отсуство спречи пад на Владата


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Четири дена откако го снема од македонската политичка јавност и Собранието, како и по неуспехот на иницијативата за недоверба на Владата, пратеникот Кастриот Реџепи, кој до скоро ги бранеше боите на Беса во парламентот, се појави денеска претпладне во Собранието.

Прес-конференцијата што Реџепи ја најави во петокот, денеска почна со дваесетина минути задоцнување, затоа што пратеникот, како што рече, прво бил на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, каде што денеска почнува расправата за буџетот за 2022 година.

„Мирен сум и сигурен дека е најважно што земјата продолжи по патот насочен кон мир и стабилност, кон НАТО и кон интеграција во ЕУ. Јас сум сојузник на Македонците, Албанците и на сите други граѓани кои гледаат кон иднината, стратешки партнер сум на САД и на ЕУ и самовоно одлучно се засолнив на денот на гласање со цел земјата да не отиде во спротивен правец од моите идеолошки определби и задачата што ни ја дадоа граѓаните“, рече Реџепи.

„Ја потпишав иницијативата за гласање недоверба на Владата во моментот кога Заев по исходот на локалните избори рече дека поднесува оставка. Се чинеше дека власта е без кормилар. Не знаевме тогаш дали опстанува владејачкото мнозинство и европската насоченост на земјата. Желино беше исто така иницијална каписла за незадоволство. Сѐ одеше во насока да се избере нова Влада. Но, ги слушнавме изјавите на претседателот на Франција, на премиерот на Холандија, тоа беше јасна поддршка да се опстане на патот на оваа Владата. А, и кога Заев ја одложи оставката, не можев со моја рака при гласање да придонесам за паѓање на Владата и со тоа да придонесам за одалечување од ЕУ – перспективата”, рече пратеникот.

„Не е лесно да си против својата партија, но кога стратешките партнери ти велат дека сме на прагот на интеграциите, умот ми рече дека морам да пресечам“, рече Реџепи. Тој нагласи дека според него, немало потреба да се брза со иницијативата за гласање недоверба на Владата.

„Зошто не можевме како пратеници и партии да се стрпиме до 14 декември? Неразбирливо е толку брзо да се одвиваат работите. Нели е подобро да се причека за да се види имаме ли датум за ЕУ, нели е тоа поважно, од интерес на државата“, рече Реџепи.

Јас сум пратеник на Беса, се додека не се промени мојот статус, додека не добијам официјална одлука така ќе делувам, како пратеник и потпретседател на Беса, одговори Реџепи на новинарско прашање кон која партија сега се приклонил.

Пратеникот рече дека сега најважно е да се соберат силите за спровување со политичката и економската и енергетска криза, и енергијата да се наасочи кон почеток на преговори со ЕУ.

„Не е време за нови избори, туку за стабилно мнозинство и за реконструкција на Владата ако е потребна. Но, главно е сите многу многу да работат за решавање на сите отворени прашања“, нагласи Реџепи.

Имате ли комуникација со Заев и како ќе дејствувате како Беса кога партијата ве исклучи, прашаа новинарите, а Реџепи одговори:

„Со премиерот Заев сум бил и сум во комуникација. Дури и кога Заев поднесе оставка, му кажав дека греши укажувајќи му на важноста на процесот со ЕУ. Во моментот Беса е во коалиција со Владата, иако велите дека Беса излезе од Владата, нема одлука, туку изјави преку медиумите и фејсбук статуси. Кога највисокиот орган на Беса Централниот одбор ќе донесе таква одлука, тогаш јас ќе размислувам како понатаму ќе дејствувам”.