Home Актуелно После поразот на локалните избори Заев си поднесе оставка од премиер и претседател на СДСМ

После поразот на локалните избори Заев си поднесе оставка од премиер и претседател на СДСМ

Откако СДСМ доживеа дебакл на локалните избори, Зоран Заев најави оставка од премиерската функција, но и од функцијата претседател на партијата. Рече дека е разочаран што мнозинството им дало поддршка на луѓе кои пред 4 години тргнале да убиваат, пренесува Дојче Веле.

„Ја преземам одговорноста на себе. Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа силно за интегрирана Северна Македонија.“

Со овие зборови Зоран Заев во неделата најави повлекување од кормилото на владата и на неговата СДСМ откако партијата доживеа тежок пораз на локалните избори во земјата.

Заев рече дека е разочаран од начинот на кој гласале мнозинството гласачи.

„Има разочараност кај мене затоа што мнозинството од народот кој гласаше, како и оние кои останаа дома, ги избраа истите луѓе и политичари кои во парламентот пред четири година сакаа и тргнаа да убиваат. Некои од нив дури се избрани за градоначалници во скопските и други општини“, рече Заев.

„Видовме сојуз меѓу жртви и насилници, без образ – за власт и пари.“

Тој порача дека сака неговото повлекување „да остане забележано во паметењето на народот“.

„Не е тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ.“

„Донесов слобода и демократија, а кога е слобода и демократија треба да има и преземање одговорност. Низ преземањето одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да води грижа за својата земја.“

На граѓаните им порача дека е редно „да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки одлуки за иднината на својот народ и државата без притоа да се грижат за својата фотелја или рејтинг“.

Премиерот во оставка рече дека е горд што земјата во неговиот мандат стана членка на НАТО, а верува и дека во следните неколку месеци има шанси да започнат и преговорите за членство во ЕУ.

Заев и честиташе на победата на опозицијата, но и коментираше дека парите биле причина за нејзиниот успех.

„Беа видливи многу пари кај опозицијата дојдени од надвор од политички и економски причини, а дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“, рече Заев.

Тој смета дека нема потреба од вонредни парламентарни избори и најави дека ќе остане додека се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство.

„Останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентари избори. Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот народ и државата“, рече Заев на прес-конференцијата во партиското седиште.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…