Денеска е последен ден од предизборната кампања за локалните избори 2021


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денеска, петок, 15. октомври, е последниот ден од предизборната кампања за локалните избори кои ќе се одржат в недела, на 17. октомври.

Во пресрет на денешниот последен ден од предизборната кампања, партиите ги продолжија активностите со средби со граѓаните ветувајќи, како што наведоа, издржани проекти според реални состојби, истакнувајќи дека изборите се од суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата во следниот период и изразувајќи убеденост во изборна победа, пишува Слободен печат.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев од митинзите во Кичево и Гостивар порача дека коалицијата предводена од СДСМ нуди издржани проекти, проектирани според реални состојби, во рамките на буџетите на соодветните општини, со реални рокови и реален план.

– На претпоследниот ден од кампањата сосема е јасна разликата на понудите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина” и останатите политички партии и коалиции. СДСМ и Коалицијата на овие избори ја имаат најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ нуди стари, потрошени кадри на Груевски, меѓу кои има и осудени лица и лица против кои се водат судски постапки, изјави Заев во Кичево.

Тој ги повика граѓаните в недела да гласаат за кандидатите на коалицијата „Најдоброто за мојата општина” за градоначалници и членови на општинските совети.

– Да не дозволиме во советите да ни се пресликаат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги гледаме во Собранието. Затоа во недела потребно е да ги поддржиме советничките листи на СДСМ и Коалицијата, советничките листи кои ќе реализираат, а нема да блокираат проекти. Во недела на 17 октомври да заокружиме 12 да го избереме најдобриот градоначалник и најдобрата советничка листа за нашата општина, порача Заев.

Тој рече дека опозицијата немала храброст да донесе ниту една позитивна одлука за државата и оти само калкулира со нивниот политички рејтинг.

– Овие четири години одржавме лекција како се сака државата, како се сплотува народот, како се исполнуваат стратешките интереси на државата, како можеме да бидеме горда нација почитувана од целиот свет. 30 години доаѓаа политичари на овие плоштади ширум земјава, ветуваа НАТО, ЕУ, ништо не успеаја, еве ме мене исправен пред вас, денеска сме членка на НАТО. Траен мир, вечен мир, стабилност, сигурност, безбедност и веднаш економија, оваа стратешка цел ја исполнивме, рече Заев.

Тој посочи дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и на Алијансата за Албанците, Зијадин Села „се споиле околу заедничката безидејност и омраза кон другите”.

– Затоа таа вештачка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, тој брак од интерес ќе им се распадне уште во недела околу полноќ. Кога и двајцата ќе видат дека ниту членови на ВМРО-ДПМНЕ гласале за Алијанса за Албанците, ниту членови на Алијанса за Албанците гласале за ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне коалиција. Не може заедно „Македонци варвари” и „Чиста Македонија”. Паметни се луѓето, не пиеме нафта, гледаме што се случува, изјави Заев.

Тој посочи дека денес дома сме сплотени сите, дека сме пријатели со соседите и почитувани од целиот свет.

– Денеска сме сплотени единствени дома сите, денеска сме пријатели со сите наши соседи, денеска сме почитувани од целиот свет. Не посетија сите светски демократски лидери во Скопје. Изразија почит кон нашиот народ, кон нашето заедништво, кон нашите реформи. Одржавме европски лекции и за многу европски земји. Денеска каде и да одиме почитта е огромна, покажавме дека имаме пријатели низ целиот свет. Денеска сме многу поразлично од тоа што бевме и тоа само за четири години, посочи Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од предизборни митинзи во Берово, Пехчево, Делчево и Македонска Каменица порача дека власта се фали со флаери и скапи реклами, а народот од тоа нема никаква корист, бидејќи фрижидерите на граѓаните се празни, во меѓувреме инфлацијата ги јаде семејните буџети и се празнат џебовите на обичните граѓаните.

Тој обвини дека власта овие денови се свртела кон поткуп, поради тоа што, според него, е свесна дека ќе ги загуби изборите.

– Рано наутро да излеземе на 17-ти октомври и да го заокружиме бројот 7. Народот е најврховниот судија! Тој наградува, меѓутоа тој и казнува! Громогласниот молк на тивкото мнозинство на изборите ќе се трансформира во огромен народен тресок! Народот, молчеше, трпеше, гледаше, меѓутоа судеше и чекаше шанса, порача Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните на овие избори да си верувате себеси и да донесат одлука која значи промени, давање на шанса за изградба на една поинаква и нова заедничка иднина.

Според Мицкоски, претстојните локални избори се од суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата.

– Вашиот глас на овие избори е порака до тие кои што ја водат земјава 52 месеци. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Доколку во овие последни денови од кампањата се соочите со нивните методи, оставете ги да мислат дека им верувате. Доколку во деновите до изборниот ден ви даваат секакви ветувања или сакаат да ве поткупат, насмевнете се и одминете ги. Нивните постапки за политичка битка не се нашите постапки. Нивната насилност и притисок не се дел од нашата кампања. Нивниот политички поткуп и лаги, не се нашите особини. Нивното заврши. Крајот се гледа, истакна Мицкоски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на предизборниот собир на партијата во Тетово истакна дека има две поглавја во животот – едното е Охридскиот договор, а второто е зелената агенда.

– Првото поглавје го направив со многу соработници, тоа е неповторливо поглавје, за мене и за сите што ја направивме таа историја. Второво поглавје сака студии, сака луѓе, а тоа ние го имаме како на централно така и на локално ниво, истакна Ахмети, додавајќи дека ова е ново поглавје за историја која ја пишува ДУИ.

Лидерите на Алијансата за Албанците, Зијадин Села од Гостивар ги повика граѓаните „в недела со рака да го покажат патот на светлината”.

– По 17 октомври, нема да има повеќе општини што ќе ги води ДУИ, бидејќи нашата коалиција ќе победи од Струга до Липково. Кажете им на луѓето дека ни треба убедлива победа, да победиме чисто како во Гостивар уште во првиот круг, рече Села.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, пак, пред се зборуваше за оптимизмот кој се шири кај членството пред изборите и побара да се излезе помасовно и да се гласа за нив.

На последниот ден од кампањата за Локалните избори 2021 караванот „Најдоброто за мојата општина” на коалицијата предводена од СДСМ ќе одржи предизборни собори во Арачиново, Велес и Куманово.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!” во Карбинци, Лозово, Свети Николе и во Штип, а прес-конференција ќе одржи и независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, која е поддржана од оваа коалиција.

Левица ќе има „завршна дружба” со избирачите во Градскиот парк во Скопје, а средба со граѓаните во скопската општина Центар ќе има и Движењето „Одлучно за промени” предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП.

Демократската Унија за Интеграција денеска ќе ја заврши изборната кампања таму каде што и ја започна, со собир во Гостивар.

Движењето Беса ќе има изборни активности во Тетово, а прес-конференции ќе одржат и кандидатот за градоначалник на Град Скопје на Твоја партија, Александар Тортевски и носителката на листата на кандидати за советници на НВО „Зелен Хуман Град” за Скопје, Драгана Велковска.

Извор: МИА