Повторно тензии на северот на Косово – едно лице застрелано и е во критична состојба (снимки)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На северот на Косово од денес утрово повторно има тензии и инциденти помеѓу косовските полициски сили и српското население.

Едно машко лице е тешко рането во Звечан на северот на Косово и е во критична состојба, а во тек е неговата операција во болницата во Косовска Митровица, потврдил за Н1 ТВ директорот на болницата.

Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјавил дека ранетиот е 36-годишен маж, како и дека се повредени десетици Срби во немирите во Косово.

Тензиите во северниот дел на Косово започнаа откако утрово косовската полиција спроведува, како што тврди, акција против шверцери на стоки. Припадниците на косовската полиција, според информациите, упаднале во една од градските аптеки каде што ги проверувале царинските документи.

Потоа граѓаните се собрале на протест, изразувајќи незадоволство од акцијата, а ситуацијата ескалирала кога косовската полиција почнала да фрла шок-бомби и солзавец.

Во соопштението што го издаде полицијата на Косово се наведува дека акција спроведуваат во регионот на Приштина, Пеќ, Јужна и Северна Митровица.

Од српска страна, пак, премиерката Ана Брнабиќ побара да реагира меѓународната заедница, а претседателот Александар Вучиќ итно замина во Рашка на состанок со Србите од Косово.