Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Нобеловата награда за литература оваа година му припадна на Абдулразак Гурнах, по потекло од Занзибар, а кој од крајот на 60-те години живее во Велика Британија. Во своите дела тој „бескомпромисно и со емпатија ги претставува последиците на колонијализмот и судбината на бегалците, кои мораа да го премостуваат огромниот јаз меѓу културите и континентите”, стои во образложението на Шведската академија објавено денеска во Стокхолм.
Гурнах има објавено десет романи и бројни кратки раскази, а негов најпознат роман е „Загубениот рај“, кој од печат излезе во 1984 година, а чие дејство се одвива во колонијална Источна Африка за време на Првата светска војна, номиниран и за престижната награда Букер.
Набљудувачите веќе очекуваа дека Шведската академија годинава ќе фрли поглед прилично далеку, откако во изминатите години одликуваше претежно европски и северноамерикански автори, како американската лиричарка Луиз Глик. За фаворити се сметаат на пример авторката по потекло од Нигерија – Нгози Адичи, Индиецот Викрам Сет, Кинезот Лиао Јиву и Миа Коуто од Мозамбик.
Нобеловата награда за литература е четврта која беше објавена оваа недела, по признанијата од областа на медицината, физиката и хемијата. Денеска ќе биде познат и добитникот на Нобеловата награда за мир, а в понеделник ќе биде соопштен и добитникот на одликувањето од областа на економските науки.