Во „Пандора документите“ замешана и наводната љубовница на Путин со 100 милиони долари – тој ги негира овие наводи


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Во досега најголемото протекување на тајни финансиски документи, наречено „Пандора документи“, откриени се стотици актуелни и поранешни шефови на држави, службеници и имоти вредни милијарди долари, како и голем број звучни имиња замешани во даночни малверзации, затајувања, оф-шор компании и слично. Сепак, најзвучно е името меѓу сите е она на рускиот претседател Владимир Путин.

Овие документи не го наведуваат Путин како официјален сопственик на спорниот имот – но тие откриваат таен имот вреден дури 100 милиони долари, вклучително и луксузен имот во Монако вреден 4 милиони долари, кој ѝ припаѓа на извесна Светлана Кривоногих.

Станот купен од Кривоногих се наоѓа во луксузниот комплекс Монте Карло Стар и гледа на Средоземно Море, веднаш под познатото казино Монте Карло, познато од филмовите за Џејмс Бонд. Во пристаништето под комплексот, членовите на кралски семејства, тајкуни и олигарси редовно доаѓаат со своите големи јахти, пишува Вашингтон пост.

Документите откриваат дека Кривоногих купила луксузен стан вреден 4,1 милиони долари во септември 2003 година преку офшор компанија регистрирана на Британските Девствени Острови наречена Броквил девелопмент – кратко време откако родила девојче по име Луиза Розова.

Девојчето е родено во време кога, според рускиот независен истражувачки портал Проект – еден од ретките преостанати независни медиуми под режимот на Путин – тогаш 28-годишната Кривоногих била во повеќегодишна тајна врска со Путин.

Проект, кој за тоа пишувал минатата година, во меѓувреме е забранет во Русија.

Кривоногих, според Проект, се спријателила со Путин кон крајот на 1990-тите, пред тој да стане претседател. Со текот на времето, тврди Проект, младата Русинка со скромно потекло, која студирала бизнис и работела како чистачка во продавница, станала негова љубовница – а таткото на нејзината ќерка не е никој друг туку Путин.

Без оглед на вистинската природа на нивниот однос, информациите презентирани од Проект сугерираат дека Путин и Кривоногих биле блиски. На пример, патувале заедно во ист авион.

Минатата година, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, очекувано, ги негираше тврдењата на Проект за врската на Путин со Кривоногих и татковството на нејзината ќерка. Но новите наоди од „Пандорините документи“ се имплицитна потврда дека дотогаш сиромашната Русинка неверојатно се збогатила, откако, наводно, се зближила со Путин.

Интересно е што Банката на Русија уште во 2010 година во своите документи објавила дека Кривоногих, преку својата компанија ООО Релакс, е една од најголемите акционери на таа банка. Таа банка од Санкт Петербург подоцна завршила на листата со санкции на американското министерството за финансии како „лична банка за високи функционери на Руската Федерација“.

Нејзината ќерка Луиза Розова, која сега има 18 години, самата предизвикала шпекулации за својот вистински татко во интервју. Таа самата признала дека исклучително личи на Путин, но одбила да потврди или да негира дека Путин е нејзиниот татко.

Иако во јавните документи прегледани од Проект и Вашингтон пост нејзиниот татко не се наведува, значајно е што нејзиното официјално средно име е Владимировна – а средното име во Русија секогаш се дава по името на таткото.

Кривоногих не одговори на прашањата на оваа тема, ниту пак нејзината ќерка.

Поврзаноста помеѓу Кривоногих и луксузниот имот во Монте Карло се наоѓа во „Пандорините документи“, а од нив е јасно колку Русинката се обидела да го сокрие фактот дека стои зад купувањето.

Офшор компанијата Броквил девелопмент е основана на карипскиот остров Тортола во април 2003 година, нешто помалку од еден месец откако Кривоноги родила ќерка. Неколку месеци подоцна, компанијата купила имот во Монте Карло за 3,6 милиони евра, според документите од Монако.

Кривоногих, откриваат „Пандорините документи“, станала неверојатно богата за само неколку години. Покрај стан во Монте Карло, стеканла стан во луксузен комплекс во својот роден град Санкт Петербург, недвижен имот во Москва, јахта и друг имот, во вкупна вредност од околу 100 милиони долари.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, пак, ги отфрли обвинувањата што произлегуваат од Пандорините документи како „неосновани тврдења“, додавајќи дека „нема докази за скриено богатство во потесниот круг на претседателот Путин“.

Запрашан за откритијата, во кои има и блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин, дека има огромни скриени средства во офшор-даночни раеви, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече и дека документите не го именуваат директно Путин, пренесе Москва тајмс.

„Не видовме никакво скриено богатство од блискиот круг на Путин“, рече тој на дневниот брифинг со новинарите.

„Мислам дека тоа ќе продолжи да се објавува, но досега не видовме ништо посебно“, рече тој.

„Не е јасно за какви информации станува збор, за што станува збор тука, има многу работи што отвораат прашања“, рече Песков, додавајќи дека поради тоа „не е јасно како да им се верува на овие информации“.

На новинарско прашање дали ќе се покрене истрага за наводите, Песков рече: „Прво треба нешто да се појави, нели? Досега само видовме тврдења, не е јасно на што се темелат. Секако дека нема причина за покренување каква било истрага“.

Но иако ги отфрли сите информации што произлегуваат од Пандорините документи за Путин, Песков сериозно ги сфаќа истите документи кога станува збор за Соединетите Држави.

Песков рече дека Пандорините документи ги разоткриваат САД како најголем даночен рај во светот.

„Она што го привлекува вниманието е која земја е најголемиот даночен рај во светот. Тоа се САД, се разбира. Тоа е спротивно на она што го велат Американците за намерите за борба против корупцијата, затајување данок и перење пари, но тоа е реалноста“, рече Песков на дневниот брифинг со новинарите.

Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ИЦИЈ), кој ги објави Пандорините документи, вели дека руските државјани се „несразмерно застапени“ во нив, при што 14% од над 27.000 прегледани компании имаат руски корисници и 46 руски олигарси што користат офшор-компании.

Путин, за кого САД се сомневаат дека тајно си обезбедил огромно богатство, во Пандорините документи не се појавува по име и презиме. Но во документите се појавуваат имињата на неговите блиски соработници. Меѓу другите, тука е и името на најдобриот пријател на Путин од детството, покојниот Питер Колбин, кого критичарите го нарекуваа „паричникот на Путин“.

Меѓу нив се и членови на семејството на Сергеј Чемезов, извршен директор на рускиот одбранбен конгломерат Ростек и еден од најстарите пријатели на Путин; Герман Греф, извршен директор на рускиот државен заемодавател Сбербанк; и Константин Ернст, извршен директор на еден од најгледаните државни радиодифузери во Русија Канал 1.

Финансиските записи анализирани од ИЦИЈ, исто така, откриле дека наводната љубовница на Путин, Светлана Кривоногих, во 2003 година преку офшор-компанија станала сопственичка на стан од 4,1 милиони долари во Монако. Компанијата, наводно, била основана неколку недели откако Кривоногих ја родила Луиза Владимировна Розова, која руските истражувачки новинари минатата година ја именуваа како вонбрачна ќерка на Путин.