Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Еден од основачите на Талибанското движење, Мула Норудин Тураби, инаку главен иницијатор за строго толкување на исламскиот закон, рече дека ова движење повторно ќе изврши погубувања и ампутација на раце, иако можеби нема тоа да се случува во јавност.
Во интервју за АП, Тураби го отфрли гневот поради погубувањата кои Талибанците ги правеле во минатото, а понекогаш се случувале пред толпа луѓе на стадионот и го предупреди светот да не се меша во акциите на новите владетели на Авганистан, пренесува Плус Инфо.
– Сите нѐ критикуваа за казните на стадионот, но ние никогаш не кажавме ништо за нивните закони и казни. Никој нема да ни каже какви треба да бидат нашите закони. Ние ќе го следиме исламот и ќе усвоиме закони базирани на Куранот – рече Тураби.
Коментарите на Тураби укажуваат дека водачите на групата остануваат длабоко конзервативни, иако прифаќаат технолошки промени, како што се видео и мобилни телефони, наведува АП.
Тој рече дека судиите, вклучително и жените, ќе ги судат случаите, но дека основата на авганистанскиот закон ќе биде Куранот.
– Сечењето на рацете е неопходно од безбедносни причини – нагласи Тураби, велејќи дека овој вид казна има застрашувачки ефект.
Тој додаде дека кабинетот проучува дали казните ќе бидат јавно извршени или ќе биде „развиена политика“.
Во последните денови во Кабул, талибанските борци ја обновуваат казната што ја користеле во минатото, за луѓето обвинети за ситни кражби, а тоа е да ги засрамат. Најмалку двапати во изминатата недела, мажи од Кабул биле сместени во задниот дел на камион, со лисици на рацете и ги возеле на тој начин, за да бидат понижени.
Во еден од случаите, нивните лица биле обоени за да ги означат како крадци, во друг случај, застоен леб им висел околу вратот или им ги полнеле устите со него.
Не се знае точно какви сѐ злосторства имаат извршено.