Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Од некои научници наречен „натчовечки“ или „непробоен“ имунитет. Но имунологот Шејн Кроти претпочита да го нарекува „хибриден имунитет“.
„Севкупно, хибридниот имунитет кон САРС-КоВ-2 се чини дека е импресивно моќен“, напиша Кроти во коментар во Саенс во јуни.
Без разлика како го нарекувате, овој тип имунитет е мошне потребната добра вест во она што изгледа како бесконечна низа лоши вести во врска со ковид-19, вели Нпр.
Во текот на изминатите неколку месеци, серија студии покажаа дека некои луѓе градат исклучително силен имунолошки одговор против САРС-КоВ-2, коронавирусот што ја предизвикува болеста ковид-19. Нивните организми произведуваат многу високо ниво антитела, но тие прават и антитела со голема флексибилност – најверојатно способни за борба против соевите на коронавирусот што кружат во светот, но исто така најверојатно ефикасни и против соевите што може да се појават во иднина.
„Разумно може да се предвиди дека овие луѓе ќе бидат добро заштитени од повеќето, а можеби и од сите соеви на САРС-КоВ-2 што најверојатно ќе ги видиме во блиска иднина“, вели Пол Биенијас, виролог на Универзитетот Рокфелер, кој помогнал во неколку од овие студии.
Во студија објавена на интернет минатиот месец, Биенијас и неговите колеги кај овие лица пронајдоа антитела што можат силно да ги неутрализираат тестираните шест соја, вклучително и делта и бета, како и неколку други вируси поврзани со САРС-КоВ-2, меѓу кои и еден во лилјаци, два во панголини и оној што ја предизвика првата пандемија на коронавирус, САРС-КоВ-1.
„Ова е малку пошпекулативно, но сметам и дека тие ќе имаат одреден степен заштита од вирусите слични на САРС што допрва ќе ги заразат луѓето“, вели Биенијас.
Значи, кој е способен да го изгради овој „натчовечки“ или „хибриден“ имунолошки одговор?
Луѓето што имале „хибридна“ изложеност на вирусот. Поточно, тие биле заразени со коронавирусот во 2020 година, а потоа биле имунизирани со иРНК-вакцини оваа година. „Тие луѓе имаат неверојатен одговор на вакцината“, вели вирусологот Теодора Хаџијоану од Универзитетот Рокфелер, која исто така помогнала во неколку студии. „Мислам дека тие се во најдобра позиција за борба против вирусот. Антителата во крвта на овие луѓе можат дури и да го неутрализираат САРС-КоВ-1, првиот коронавирус, кој се појави пред 20 години. Тој вирус е многу, многу различен од САРС-КоВ-2“.
Всушност, овие антитела можеле дури и да деактивираат вирус намерно создаден да биде многу отпорен на неутрализација. Овој вирус содржел 20 мутации за кои е познато дека ги спречуваат антителата на САРС-КоВ-2 да се врзат за него. Антителата од луѓе што биле само вакцинирани или што имале само претходни инфекции со коронавирус, во суштина биле бескорисни против овој мутантен вирус. Но антителата кај луѓето со „хибриден имунитет“ можеле да го неутрализираат.
Овие наоди покажуваат колку се моќни иРНК-вакцините кај луѓе со претходна изложеност на САРС-КоВ-2, вели таа. „Сега има многу истражувања фокусирани на пронаоѓање секоронавирусна вакцина, која ќе штити од сите идни соеви. Нашите наоди ви кажуваат дека веќе ја имаме.“
„Но има еден услов, нели?“, додава таа: прво треба да се разболите од ковид-19. „По природните инфекции, се чини дека антителата се развиваат и стануваат не само посилни, туку и пошироки. Стануваат поотпорни на мутации во рамките на вирусот.“
Хаџијоану и нејзините колеги не знаат дали секој што имал ковид-19, а потоа и иРНК-вакцина, ќе има таков извонреден имунолошки одговор. „Ги проучувавме појавите само кај неколку пациенти, бидејќи ова е исклучително макотрпно и тешко истражување“, вели таа.
Но таа смета дека ова е доста често. „Кај секој од пациентите што ги проучувавме го видовме истото. Студијата објавува податоци за 14 пациенти.“
Неколку други студии ја поткрепуваат нејзината хипотеза – и ја поддржуваат идејата дека изложеноста на коронавирус заедно со иРНК-вакцина предизвикува исклучително моќен имунолошки одговор. Во една студија, објавена минатиот месец во Њу Ингланд џурнал оф медисин, научниците анализирале антитела создадени кај луѓе што биле заразени со оригиналниот САРС-вирус, САРС-КоВ-1, во 2002 или 2003 година и што потоа годинава примиле иРНК-вакцина.
Неверојатно, овие луѓе исто така произвеле високо ниво антитела што можат да неутрализираат цел спектар соеви и вируси слични на САРС.
Се разбира, има многу преостанати прашања. На пример, што ако фатите ковид-19 откако ќе се вакцинирате? Или може ли лице што не е заразено со коронавирус да создаде „натчовечки“ одговор ако прими трета доза вакцина како засилувач?
Хаџијоану вели дека сѐ уште не може да одговори на ниту едно од тие прашања. „Прилично сум сигурна дека третата доза ќе им помогне на антителата на една личност да се развијат уште повеќе, и можеби ќе добијат одредена ширина (или флексибилност), но дали некогаш ќе успеат да ја добијат широчината што ја гледаме по природна инфекција, тоа е нејасно“.
Имунологот Џон Вери, од Универзитетот во Пенсилванија, е малку понадежен. „Во нашето истражување, ние веќе гледаме дека дел од оваа еволуција на антитела се случува кај луѓе што се само вакцинирани“, вели тој, „иако тоа веројатно се случува побрзо кај луѓето што биле заразени“.
Во една неодамнешна студија, објавена на интернет кон крајот на август, Вери и неговите колеги покажаа дека со текот на времето луѓето што имале само две дози од вакцината (и без претходна инфекција) почнуваат да создаваат пофлексибилни антитела – антитела што можат подобро да препознаат многу од загрижувачките соеви.
Така, третата доза вакцина веројатно ќе ги зајакне тие антитела и уште повеќе ќе ја поттикне еволуцијата на антителата, вели Вери. Така, едно лице ќе биде подобро опремено да се бори против кој било сој на вирусот што ќе се појави во иднина.
„Врз основа на сите овие наоди, изгледа дека имунолошкиот систем на крај ќе има предност во однос на овој вирус“, вели Биенијас, од Универзитетот Рокфелер. „И ако имаме среќа, САРС-КоВ-2 на крај ќе спадне во онаа категорија вируси што ни носат само блага настинка“.
Извор: Мкд.мк