Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Научници дошле до откритие дека епидемија на коронавирус пустошела во источна Азија пред повеќе од 20.000 години, пренесува агенцијата ДПА. Траги од епидемијата се пронајдени во гените на жителите од тие области, велат истражувачите.
Во последните 20 години се случија три големи епидемии на коронавирус. Тоа беа САРС (Тежок акутен респираторен синдром), кој се појави во Кина во 2002 година и уби повеќе од 800 лица, потоа МЕРС-КоВ (Блискоисточен респираторен синдром), кој уби повеќе од 850 лица и САРС-КоВ-2, кој ја предизвика пандемијата на ковид-19, која досега уби повеќе од 3,8 милиони луѓе.
Но новото истражување за еволуцијата на човечкиот геном откри дека уште една голема епидемија на коронавирус избувнала пред многу илјади години.
Професорот Кирил Александров од Универзитетот во Квинсленд беше дел од тим научници од Универзитетот во Аризона, Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско и Универзитетот во Аделаида.
„Современиот човечки геном содржи еволутивни информации што датираат до десетици илјади години во минатото, како што кога ги проучувате прстените на дрвото, ги откривате условите што ги доживеало кога растело.“
Научниците користеле податоци од Проектот 1.000 геноми, најголемиот јавен каталог на човечки генетски варијации, и ги проучувале промените во гените што ги кодираат протеините што стапуваат во интеракција со вирусот САРС-КоВ-2.
Потоа, тие ги синтетизирале и човечките и САРС-КоВ-2 протеините, без да користат живи клетки, и покажале дека директно стапуваат во интеракција и дека опстанал механизмот што го користат коронавирусите за да ги нападнат клетките.
„Компјутерските научници од тимот применија еволутивна анализа на податоците за човечкиот геном за да откријат докази дека предците на луѓето од источна Азија доживеале епидемија на болест предизвикана од коронавирус, слична на ковид-19“, рече Александров.
Испитаниците потекнувале од области што денес им припаѓаат на Кина, Јапонија, Монголија, Северна Кореја, Јужна Кореја и Тајван.
„Со поголем увид во античките вирусни непријатели, можеме да разбереме како геномите на различните човечки популации се приспособиле на вирусите што неодамна беа признаени како значајни двигатели на човечката еволуција“, додаде тој.
„Друг важен резултат на ова истражување е можноста да се идентификува вирусот што ја предизвикал епидемијата во далечното минато и би можеле да ја предизвикаат во иднина“, рече тој.
„Ова во принцип ни овозможува да составиме список на потенцијално опасни вируси и да развиеме дијагностика, вакцини и лекови во случај да се вратат“, заклучи тој.
Истражувањето е објавено во списанието „Карент бајолоџи“.