Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Комисија за условни казни на Калифорнија изгласа ослободување на Сирхан Сирхан, човекот кој го уби американскиот сенатор Роберт Кенеди.
Сирхан, кој има 77 години, е во затвор од 1968 година, кога во хотел во Лос Анџелес го уби кандидатот за претседателска номинација на демократите. Роберт Кенеди му беше помлад брат на претседателот Џон Кенеди.
Одлуката ќе биде анализирана од страна на персоналот на Комисијата за помилување на Калифорнија во следните 90 дена, а потоа треба да ја одобри и гувернерот на Калифорнија. Ова беше шеснаесетто рочиште за условно ослободување на Сирхан, објави Радио Слободна Европа.
Даглас Кенеди, најмладиот син на сенаторот, се заложи за условното ослободување на убиецот на неговиот татко. Обвинителите одбија да дојдат на рочиштето со цел да порачаат дека тој треба да остане зад решетки.
„Мислам дека цел живот се плашев од Сирхан и неговото име на овој или оној начин. И денес сум благодарен што го гледам како личност достојна за сочувство и љубов“, рече Даглас Кенеди, додавајќи дека верува дека секој затвореник што е решен да не претставува закана за себе или за светот, треба да биде ослободен.
Другиот син на убиениот сенатор, Роберт Ф. Кенеди Јуниор, испрати писмо до комисијата со кое го поддржува ослободувањето на Сирхан.
Сирхан, христијанин Палестинец од Јордан, призна дека му бил гневен на Кенеди за поддршката за Израел, но вели дека не се сеќава на убиството.
На сослушувањето, Сирхан рече дека научил да го контролира својот гнев и дека е посветен на мирен живот.
„Никогаш повеќе нема да се ставам себеси во опасност. Ви ветувам. Секогаш ќе се грижам за безбедноста, мирот и ненасилството“, рече Сирхан.