Милионски бран бегалци тргнува од Авганистан – Македонија ќе прими 190 од нив


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Голем бран бегалци од Авганистан наскоро ќе стигнат до границите на балканските земји во транзитирањето кон европските. Не станува збор за економски, туку за политички и хуманитарни бегалци кои масовно ја напуштаат земјата по воздушен и копнен пат, откако таа е под контрола на талибанците.

Mакедонските власти веќе работат на координација и утврдување детали за привременото прифаќање граѓани од Авганистан. Станува збор за околу 190 лица: шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеле на одржувањето на мирот во Авганистан, пренесува Дојче Веле.

Но, многу поголема ќе биде бројката на оние кои по копнен пат ќе тргнат кон Европа. Во разговор за бугарски медиуми на ова укажува авганистанскиот амбасадор во Софија, Мохамад Саифи.

„Бегаат кон Пакистан или Иран. Од Иран во Турција, потоа кон Бугарија или Грција и понатаму. Не станува збор за економски мигранти, туку за обид да останат живи. Младите Авганистанци не сакаат да се вратат назад. Особено не жените и младите девојки. Тие не сакаат бурки, тие не сакаат да бидат затворени во домовите. Ние веќе не сме оние луѓе од пред 20 години. Веќе знаеме што е демократија, што е слобода. Ниту талибанците, ниту кој било друг, никој нема да нѐ врати назад, како пред 20 години. Но убеден сум дека од овој момент ќе има милиони, милиони наши политички и хуманитарни бегалци. За жал. Нашиот народ не сака леб, сака само слобода, слобода без војна“, изјави Саифи.

Убеден сум дека од овој момент ќе има милиони, милиони наши политички и хуманитарни бегалци, вели Саифи

Засега не се знае кога првите граѓани од Авганистан ќе стигнат во Скопје по воздушен пат. Од владината прес-служба велат дека времето на нивното полетување сѐ уште не може да се потврди, имајќи ги предвид сложените услови на аеродромот во Кабул, но се очекува да пристигнат во текот на следните денови. По пристигнувањето на аеродромот во Скопје, сите задолжително ќе бидат упатени во 14-дневен карантин заради превенција од Ковид-19, а оние кои не се вакцинирани ќе примат вакцини.

„Целиот демократски свет се солидаризира со хуманитарната катастрофа која му се заканува на локалното авганистанско население, а Македонија како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО-сили, вклучително и на нашата армија“, потенцираат од Владата.

Во моментов се работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Од владината прес-служба објаснуваат дека сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, сѐ до обезбедување нивен трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со стратешките партнери и со меѓународните организации.

По изненадувачки брзата офанзива во Авганистан, радикално исламистичките талибанци прогласија победа. Само по околу три месеци од почетокот на повлекувањето на меѓународните трупи од земјата, талибанците ја зазедоа палатата на претседателот Ашраф Гани.

Сите оперативни и административни прашања поврзани со учеството на Македонија во меѓународната хуманитарна мисија за спасување на локалното население од Авганистан, ќе бидат разгледувани и ќе бидат донесени соодветни одлуки на денешната, но и следните седници на Владата.