Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Владата на Република Македонија, на денешната седница, донесе одлука за воведување кризна состојба во државата во траење од 30 дена, поради зголемената појава на пожари и за спречување на ширењето.
Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа вчера попладне го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење кризна состојба.
„Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Македонија поради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, поради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење“, велат од Владата.
Заради операционализирање на одлуката за прогласување кризна состојба донесени следните заклучоци:
– На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Македонија во справување со кризната состојба,
– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
– Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба,
– Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Република Македонија.
Во моментов, на цела територија на државата активни се осум пожари, а најголем е оној во Пехчево. Од утрово таму пожарот го гаснат пет хеликоптери, два на Армијата и три од Србија.
Од 3 август во тек е забраната за движење низ планини и шуми во целата земја.
Кризната состојба, според Законот за управување со кризи, е дефинирана како состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Одлуката за нејзино прогласување не може да трае подолго од 30 дена.
Доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.
Законот и овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.
Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.
Законот предвидува дека со дел од своите сили може да учествува и Армијата во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на земјата, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување. Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата, согласно со Стратегискиот одбранбен преглед дава Управувачкиот комитет. Претседателот во секое време може да ја преоцени потребата од учество на делот од Армијата. Начинот на учество на дел од Армијата во кризна состојба се уредува со пропис кој го донесува претседателот.