58 години од разорниот скопски земјотрес кој трајно го промени ликот на старото Скопје


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешен ден, 26. јули, 1963 година, во пет часот и седумнаесет минути, земјотрес со јачина од 6,1 степени по Рихтер го потресе Скопје и засекогаш го смени животот на скопјани.

Дваесетте секунди тресење на тлото беа кобни за над илјада животи, 4000 лица биле повредени а повеќе од 200.000 жители останале без покрив над глава.

58 години подоцна, скопјани се присетуваат на тие страотни моменти.

„Се сеќавам, имав само 10 години. Мајка ми ме викна, излеговме надвор, под една слива.“

„Вратата ми падна над глава. Живеев во населба Мичурин. Имав пет години. Во раце ме носеше татко ми, бог да го прости.“

Кензо Танге и Адолф Циборовски со своите проекти повторно го оживеаја Скопје. Оттогаш наваму главниот град претрпе низа урбанистички и архитектонски измени. Граѓаните со поделени мислења дали Скопје се развива во вистинскиот правец.

„Скопје е стварно извонреден град, мене ми се допаѓа. И вака да продолжи – ама да го градат а не да го грабаат.“

„Не ми се допаѓа изгледот на Скопје. Многу доаѓа урбана мафија и се гради на големо.“

„Партизанска требаше да биде на два спрата. Населбата Аеродром не постоеше, тоа беше стариот Аеродром, таму одевме на излет, на екскурзии. Сега е лудница. Само згради, богатење и ништо друго.“

Архитектот Владимир Пота уверува дека се почитуваат сите стандарди при градење и објектите се безбедни. Проблемот го гледа во погрешната архитектонска структура.

„Урбанизмот се развива по желба на грабливи инвеститори кои ги финансираат деталните планови на сите слободни места во градот. Од таквиот урбанизам не може ништо посебно да се очекува, од ваквиот развој не го гледам крајот ако не се изменат некои работи. Архитектурата не соодветствува со традицијата на град како Скопје, како македонската архитектура – ништо од тоа нема. Она што се проектира се мали, никакви станови, нефункционални, без ред и поредок.“- Владимир Пота, архитект .

Помош за возобнова на Скопје стигнала од дури 87 земји од светот. Благодарение на несебичната хуманост градот убав повторно никна. Некои објекти, како старата железничка станица – а денес музеј на главниот град, ќе останат да сведочат за една од најголемите природни катастрофи некогаш доживеана на овие простори.