По 6 години затвор за Вељаноски, Јанакиески и Ристовски обвинети како организатори во случајот „27. април“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Обвинетитe лица во предметoт „Организатори на 27 април“ се прогласени за виновни а судот смета дека овој насилен акт е плански организран за да се зачува власта, се вели во пресудата на Судечкиот совет од Основниот кривичен суд Скопје .

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста доби шест години и 6 месеци , поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески е осуден на шест години и три месеци , а Спиро Ристовски исто така за делото терористичко загрозување и безбедноста, на шест години и шест месеци. Поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски е осуден на шест години.

-Виновни се затоа што по неуспешните преговори за формирање Влада, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста со насилни акти за да не се случи примопредавање на власта, вклучиле и патриотски здруженија, ангажирале и лица за вршење насилство за да не се избере нов претседател на Собранието, појасни судијата.

Кривичниот совет за овој случај го водеше судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, обвинетите знаеле точно што прават и фрлиле се на една карта со единствена цел да се спречи формирање на влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство.

Обвинителството побара мерка притвор за осудените Вељановски, Ристовски и Атансаовски, до правосилноста на пресудата имајќи ги предвид околностите на нивните поранешни функции, за Јанакиевски е побарано да биде укината мерката куќен притвор за други процеси и да биде спроведен во ефективен притвор.

Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието започна на 21 февруари 2020 година.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.